X
 28.04.2022 Живот

Чаша вино и едно чоколадо на ден препорачува најстарата личност на светот

118-годишна калуѓерка што живее во дом за стари лица во Јужна Франција стана најстарата жива личност во светот, според Гинисовата книга на рекорди.

Родена како Лисил Рандон, на 11 февруари 1904 година, сестра Андре најголемиот дел од својот живот го посветила на верска служба. Пред да стане калуѓерка, таа се грижела за деца за време на Втората светска војна, а потоа поминала 28 години грижејќи се за сирачиња и стари лица во болница.

Сестрата Андре, која живее во близина на францускиот град Тулон, е и најстариот преживеан од коронавирусот во светот. Во соопштението од Гинисовата книга на рекорди се наведува дека таа била позитивна на ковид-19 на почетокот од 2021 година, но дека целосно закрепнала во рок од три недели, токму навреме за нејзиниот 117. роденден.

Во интервју за францускиот телевизиски канал „Ар-ем-ес стори“ во вторникот, се чинеше дека сестра Андре има измешани чувства поради тоа што стана најстара жива личност во светот.

- Чувствувам дека подобро би ми било на небо, но Бог сè уште не ме сака - изјави таа.

Според лекарите во старскиот дом, нејзиното здравје е добро и покрај болките поврзани со нејзината напредна возраст.

Лекарите рекоа дека сестрата Андре не се откажува од малите секојдневни задоволства, како чоколадо и чаша вино.

Сестра Андре стана најстара во светот по смртта на Кејн Танака, Јапонка која претходно беше сертифицирана како најстара личност во светот, која почина на 119-годишна возраст, на 19 април.

Жан Калман, која почина во 1997 година на 122-годишна возраст, сè уште го држи рекордот по долговечност во Франција.



Извор: 24sedam.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот