Италија набрзо би можела да стане првата западна земја која на вработените жени кои страдаат од тешки и болни менструални циклуси ќе им овозможува платено „менструално отсуство“. Според законот кој е во парламентарна процедура, компаниите би морале да им овозможат три платени денови отсуство секој месец на жените кои имаат таква дијагноза.
Вакво отсуство е познато и во некои азиски земји. Во Јапонија, уште од 1974 година со закон им е дозволено отсуство од работа на жените со тешки симптоми на болна менструација. Тајванскиот закон, пак, им дозволува вкупно три дена платено отсуство на годишно ниво на ваквата популација, а како дополнување и 30 дена годишно отсуство кое е финансирано од страна на компанијата со 50 проценти, а важи за сите вработени.
Сепак, уредничката на женското списание
Donna Moderna, Лоренца Плеутери, стравува дека ова би можело да биде контрапродуктивно за жените.
„Заради ваквите прописи работодавачите би можеле двапати да размислат пред да вработаат некоја жена. Исто така, законот ќе го потврди стереотипот дека жените во определени денови во месецот се помалку рационални, а повеќе емотивни“, вели таа.
Концептот за платено менструално отсуство е тема на расправа и во Русија и Канада. Истата е предмет на голема дебата и во Велика Британија. Професорот по гинекологија , доктор Гедиз Груѕинскас, од болницата „Св. Вартоломеј“ во Лондон, смета дека на жените кои страдаат од менструални болки треба да им се овозможи платено отсуство во тие денови. Според него така може да им се зголеми и мотивираноста и продуктивноста на работното место.
„Некои жени чувствуваат болка, мачнина и грчеви, а одењето на работа во првите денови од циклусот за многу од нив е вистински ноќен кошмар“, објаснува доктор Груѕинскас.
Како и породилното отсуство, така и „
менструалното“ не би требало да ги намалува изгледите на жените за унапредување или друг вид напредок во кариерата.