(
Фото: Wikimedia commons/Public domain)
Математичарите од РАС институтот за применета математика заклучиле дека „Ракописот Војнич“ е пишуван на два различни јазици, а притоа изоставени се самогласките, јавува RIA. Експертите долго време сметаа дека е невозможно да се дешифрира овој средновековен спис, пишува порталот rbth.com.
Ракописот што се чува во библиотеката на универзитетот Јејл претставува илустриран средновековен кодекс од непознат автор, најверојатно со потекло од северна Италија. Се смета дека настанал во периодот меѓу 1404 и 1438 година.
Цели шест векови истражувачите се обидувале да го одгатнат значењето на оваа бизарна книга, а текстот ги обесхрабрувал дури и најинтелигентните умови.
Ракописот е именуван според трговецот со антиквитетни книги Вилфрид Војнич (1865-1930) кој книгата ја пронашол во 1912 година во вилата Мондрагоне, недалеку од Рим, која во тоа време била езуитско училиште.
Освен текстуалниот дел, ракописот содржи и повеќе од 200 илустрации. Половина од нив се однесуваат на растенија, а другата половина се однесува на фармацевтски, биолошки и астрономски теми. Токму тоа ги наведувало истражувачите овој ракопис да го сметаат за некаков вид медицински прирачник.
По извршената статистичка анализа на текстот, руските експерти дошле до заклучок дека книгата е енкриптирана на начин што самогласките и растојанието меѓу зборовите се изоставени од текстот. Шеесет проценти од текстот, според најновата проценка, се напишани на англиски или германски јазик, додека другиот дел е пишуван на некој од романските јазици – можеби италијански или шпански, па дури и латински јазик.
„Сепак, не знам зошто значењето на самиот текст е толку важно, кога, судејќи според илустрациите, објаснува во кој период од годината треба да се посади семе од афион за подоцна од него да се добие опиум“, вели Јуриј Орлов, еден од коавторите на студијата.
Орлов додава дека е невозможно да се реконструира цел текст затоа што отсуството на самогласките остава простор за различни интерпретации на најважните зборови.
Да потсетиме дека дури ни ЦИА и НСА не успеаја да го дешифрираат ракописот. Криптологот Гордон Раг дури изнел претпоставка дека е можно да се работи за лажен ракопис, затоа што текстот во него нема никаква смисла.