(
Фото: Pixabay)
Војните во Заливот и на Блискиот Исток, граѓанската војна во Сирија, борбите на Курдите во Ирак и Турција, изолацијата на Иран и блокадата на Катар – факти кои упатуваат дека Арапскиот Полуостров е геополитичко буре барут. Еве еден преглед на моменталната состојба:
Сунити и Шиити
Сунет, „традицијата на пророкот Мухамед“, е најголемиот верски правец во рамките на исламизмот. Неговите следбеници се нарекуваат сунити. Наспроти нив се шиитите, симпатизерите на верскиот правец шија, кој се повикува на Али ибн Аби Талиб, зет и роднина на Мухамед. Според легендата, првиот конфликт меѓу поддржувачите на Мухамед и Али, се случил веднаш по смртта на Пророкот; додека поддржувачите на Али сè уште се занимавале со погребот на пророкот, фракцијата на Мухамед го прогласи Абу Бакр за негов наследник.
Сунитите и шиитите не само што негуваат поинакви толкувања на исламот, тие и во политичка смисла се постојани противници. Така и во првата Заливска војна од 1980 до 1988 година се бореа од една страна шиитскиот Иран против Ирак кој иако е населен претежно со шиити, во тој момент во него доминираше сунитски настроеното семејство на Садам Хусеин. За сунитот Хусеин иако најважното прашање беше регионалната моќ и пристапот до изворите на нафта, тој сепак често играше на картата на исламска експанзија иако и Иран беше исламска земја. Денес Иран како шиитска божја земја е противник на бројни арапски земји каде доминираат сунитите.
Третиот независен правец во исламот го чинат ибадите, кои не се ниту сунити, ниту шиити. Мнозинството ибади главно живеат во заливската држава Оман.
Монархии
Трансверзалата преку Арапскиот полуостров , од Јордан до Индискиот океан, ја чинат широк појас на конзервативни исламски држави. Сепак, додека Јордан под власта на кралот Абдула Втори е западно ориентирана монархија, која дури и со соседен Израел има потпишано мировен договор, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Бахреин и Оман се строги исламски држави каде на сила е шеријатското право и тоа најчесто во средновековен облик.
Жените имаат малку или речиси никакви права. Во монархијата Саудиска Арабија тие мораат да имаат законски старател, најчесто тоа е сопругот, а пред бракот, таткото или братот. Жените не смеат да возат кола, а до шеесеттите години од минатиот век не им беше дозволено ниту да се школуваат.
Арапските монархии главно зависат од бизнисот со суровата нафта, и се сметаат за недоволно подготвени за што било друго откако ќе се исцрпат нафтените извори. Но, сега за сега, овие земји се силни бизнис партнери на западните држави од каде купуваат сè, од оружје до луксузни автомобили. Истовремено, постојано се под сомнеж дека ги поддржуваат исламистичките организации и терористи; Осама бин Ладен, основачот на Ал-Каеда, и 15 од вкупно 19-мината од групата киднапери на авиони од нападот на кулите-близначки на 11 септември 2001 година, потекнуваа од Саудиска Арабија.
Иран, исламска република
Во јануари 1979 година, шефот на државата Реза Пахлави, го напушти Иран откако САД, Велика Британија, Франција и Германија му ја скратија поддршката. Истовремено, на 1 февруари 1979 година од француски егзил назад во државата се врати исламскиот духовник ајатолахот Хомеини, кој ја започна реконструкцијата на Иран од западно ориентирана монарија во исламска теократија. Оваа преобразба беше пропратена со терор и репресија. Во годините кои следеа Иран главно беше меѓународно изолиран. Внимателните обиди за внатрешна либерализација постојано доживуваа неуспех.
Конзервативниот претседател Махмуд Ахмадинеџат од 2005 година водеше политика на конфронтација со соседите и угнетување во внатрешните општествени прилики. На меѓународно ниво, беше критикуван заради реториката со која го доведуваше под знак прашање правото на постоење на Израел како држава.
Од 2013 година, претседател на Иран е Хасан Рохани, кој важи за умерен, а оваа година е реизбран за претседател. Во текот на неговиот мандат, Иран потпиша спогодби со 4 членки на ОН со право на вето – меѓу кои се и САД и Германија, со кои го регулираше прашањето на иранската атомска програма. Во јануари 2016 година, беа укинати меѓународните санкции против Техеран. За некои соседни држави па и за САД под водство на Трамп, Иран и понатаму се смета за „лулка на тероризмот“ иако во таа земја досега не се случиле терористички напади.
Турција помеѓу Истокот и Западот
Од своето основање во 1923 година, во Турција е на сила законот за одвоеност на религијата од државата. 99% од Турците сепак се муслимани, главно сунити. Минатите години религијата неофицијално добива на значење и влијание и преку изборните резултати на исламско-конзервативната партија АКП на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
На референдумот во април оваа година за воведување на претседателски систем, мнозинството го поддржа предлогот за зголемување на претседателските овластувања.
Турција е парламентарна република и членка на НАТО. Нејзината ориентација кон Запад за време на владеењето на Ердоган е во опаѓање. Пристапните преговори со ЕУ се во фаза на сериозен застој. Од неуспешниот пуч во јули 2016 година и масовните апсења потоа, односите меѓу Турција и Германија сериозно се нарушени.
Во внатрешната политика, Турција од основањето е во сериозен конфликт со курдското малцинство. Борбата на Ердоган со забранетата курдска организација ПКК во доцните девеесетти години од минатиот век, се закануваше со избивање на отворена војна со Сирија, затоа што официјален Дамаск даваше поддршка за ПКК.
Од избивањето на граѓанската војна во Сирија, Турција во повеќе наврати бараше оставка од сирискиот претседател Башар Ал-Асад. Борците на сириската опозиција се обучувани и тренирани во Турција. Истовремено, Турција дава поддршка и на меѓународните мисии против терористичката Исламска држава, на тој начин борејќи се против еден од противниците на Асад во Сирија.
Растргана држава: Сирија
Во 2011 година, протестното движење „Арапска пролет“ се прошири од Тунис до африканските и арапските земји од Средоземјето. Во Сирија, протестите се претворија во граѓанска војна во која досега животот го загубија над 400.000 лица. Повеќе од 11 милиони Сиријци се во бегство. Од 2014 година, таканаречената Исламска држава, организација со сунитски обележја, ја игра водечката улога против режимот на Башар Ал-Асад. Тој пак, од друга страна, добива поддршка од шиитскиот Хезболах.
Одеднаш изолиран: Катар
На почетокот на јуни, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин одеднаш ги прекинаа сите контакти со малиот емират во Персискиот Залив. Образложение: доминантно сунитскиот Катар ја поддржува терористичката организација „Исламска држава“ преку Муслиманското братство и палестинската организација Хамас до групите кои го поддржуваат шиитскиот ислам.
Меѓутоа, вакви обвиненија можат да се адресираат и до други арапски држави. Неофицијално, главна причина за изолацијата на Катар би можела да се бара во внимателното приближување на Катар кон Иран, кој е трн во окото на Саудиска Арабија. Во деновите по меѓународната изолација на Катар сепак од круговите на американските тајни служби се појавија гласини дека кризата ја предизвикале руски хакери преку целно пласирани дезинформации на државната новинска агенција на Катар.
Тешко балансирање на светската сила САД
САД се наоѓаат во конфликт меѓу сите фронтови. Од една страна тие во Катар ја имаат својата најголема база во Персискиот Залив, а од друга стара исто како и Катар и сите негови противници Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Египет – сите сојузници на САД – и сите заедно во сојуз против Исламската држава.
Затоа и Вашингтон соопшти дека владата на Трамп не сака долгорочен прекин на односите меѓу арапските земји, и објави дека е подготвен за посредување меѓу нив.