X
 07.01.2019 Живот

Лондонски полицајци испрашувале осумгодишно дете поради стравови од радикализација

Осумгодишно момче било испрашувано од двајца полицајци од единица за антитероризам и социјален работник во училиште во источен Лондон поради наводни стравови од радикализација.

Родителите на детето поднеле жалба за третирањето на нивниот син и сега е покрената истрага за случајот. Родителите, кои сакаат да останат анонимни, истакнале дека нивното дете било преплашено и истрауматизирано откако било одделено од неговите соученици за да биде испрашано.

Таткото тврди дека неговиот син бил испрашуван за исламот, за џамијата во која оди, дали се моли и за неговите погледи на другите религии. Исто така од детето било побарано да рецитира стихови од Куранот.

Испрашувањето било извршено во јули и не биле направени понатамошни чекори од страна на полицијата, но сега родителите бараат правна помош. Тие велат дека се таргетирани затоа што се муслимани, но британските медиуми наведуваат дека грижите за радикализација биле поттикнати од врските на таткото со членови на исламистичка група.

Таткото истакна дека тие се шокирани што нивниот син бил испрашуван сам и на тој начин, без да бидат информирани родителите.

-Нашиот син е само трето одделение и ова многу му влијаеше. Оттогаш нѐ прашува зошто бил испрашуван само тој од сите деца. Се чувствува издаден од неговиот наставник бидејќи тоа беше некој кому тој му веруваше, а тој го однел кај полицајците за да го испрашуваат на овој начин - истакна таткото.

Родителите исто така биле испрашани по испрашувањето на детето за нивните религиозни верувања и обичаи и биле вознемирени од искуството кое, како што наведуваат, направило да се чувствуваат како криминалци. Тие велат дека биле загрижени и не знаеле дали да го пратат синчето повторно на училиште од страв да не се повтори испрашувањето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот