Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, официјално потврди дека компанијата работи на развој на самоуправувачки автомобил.
Долго време неофицијално се зборуваше за можностите „Епл“ самостојно да развива автономна технологија за управување на автомобил, а дури и еден таков автомобил без возач е забележан во близина на седиштето во Калифорнија, но компанијата позната по својата тајновитост одбивала да ја потврди информацијата.
Самоуправувачките возила се сметаат како една од главните можности за понатамошен развој на технолошките компании, меѓу кои се „Гугл“ и „Убер“ кои работат на софтвер за таа намена.
„Се фокусираме на автономни системи. Тоа е суштина на технологијата за која сметаме дека е многу важна“, изјавил Кук.
„Проектот Титан“ (
Project Titan) на „Епл“ доживеал главна промена минатата година кога компанијата се откажала од развој на сопствен автомобил заради развој на софтвер што автономно ќе управува со возилата во иднината.
Меѓутоа, Кук одбил директно да одговори на прашањето дали „Епл“ сака да конструира сопствен автомобил.
„Од аспект на финалниот производ, не можеме да ви кажеме што ќе направиме“, заклучил тој.