X
 27.10.2023 Живот

На балкански натпревар за „зелен бизнис“ победи тетовчанка која дизајнира шапки од отпаден текстил

На регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“, во категоријата зелен бизнис победи Мирјана Јосифоска, дизајнерка од Тетово со идејата „Дизајнерски шапки од текстилен отпад“, информираа од Здружението за социјални иновации АРНО, национален организатор на натпреварот. Мирјана како победничка освои награда од 10 000 долари.

- Поголемиот дел од текстилниот отпад доаѓа во помали количини, а за да произведете една шапка, потребно е само 30 см од материјал, додека за стегач, потребно е 5 см. Нашите модели се одржливи и етички произведени во Тетово и се рачно изработени во 3 големини, достапни за секоја глава. Од остатоците од производството на шапките, произведуваме стегачи за коса, скроени со „нула-отпад“ техника на кроење, со што на крајот не останува воопшто отпад. Благодарна сум на регионалната награда и се радувам што имам поддршка да работам на својот сон и да развивам ваков бизнис - изјави Мирјана Јосифоска.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој 12 години поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис-идеи во Албанија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од државите се натпреваруваат во две категории, за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари, за реализација на нивните идеи во своите земји.

-По тројца натпреварувачи од секоја од државите презентираат свои концепти со кои се унапредува животната средина, се има општествен импакт и се генерира профит. Оваа година нашата земја настапи и со идејата на Натали Ристовска - „Дизајн на чанти со техника на плетење без создавање отпад. Изработени од самохрани мајки;“, и идејата на Благојче Најдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“ во ембрионска категорија на идеи - информираа од АРНО.

Победниците беа прогласени вчера во Будва, Црна Гора.

Здружението за социјални иновации АРНО, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“. Досега државата има регионални победници и вкупна инвестиција од 95.000 долари за развој на зелени бизниси во државата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот