Планетата се приближува до пеколни температури кои може да се споредат со неверојатно жешки периоди на древни топлотни бранови што ја погодиле Земјата пред 50 милиони
години.
Истражувачите велат дека температурите во тој период биле над 14 Целзиусови степени повисоки од сегашните и предупредуваат дека историјата би можела да се повтори.
Насобирањето на јаглеродниот диоксид во атмосферата на вештачки начин го реплицира она што природно се случило за време на еоценот, што ќе предизвика голем пораст на температурите до 2100 година, предупредуваат истражувачите. Исто така, речиси и ќе ја уништи секоја разлика во температурата од екваторијалните региони до половите.
До овој заклучок дошле научниците од универзитетите во Мичиген и во Аризона, кои направиле модерен климатски модел кој го симулира периодот на раниот еоцен, а резултатите се објавени во списанието „Сајенс адвансес“.
Истражувачите веруваат дека за загревањето најзаслужна е зголемената чувствителност на планетата на стакленичките гасови.
- Нѐ изненади колку климатската чувствителност се зголемила во согласност со зголемените нивоа на јаглероден диоксид. Ова сознание е застрашувачко затоа што посочува дека температурниот одговор на зголемените емисии на јаглероден диоксид во иднина може да е поголем од одговорот на истото зголемување на јаглероден диоксид сега. Ова не се добри вести за нас - истакна Ѓанг Џу, водачот на студијата.
Раниот еоцен (пред околу 48 до 56 милиони години) бил најтоплиот период во последните 66 милиони години, уште од масовното исчезнување на диносаурусите. Геолошките докази посочуваат дека нивоата на атмосферскиот јаглероден диоксид достигнале 1.000 дела на милион, што е повеќе од двојно од денешното ниво од 412 ппм. Научниците веќе предвидуваат дека ако емисиите не се зауздат, високото ниво на јаглероден диоксид може повторно да стане реалност.
На почетокот на еоценот планетата се загревала за време на едно од најбрзите (во геолошка смисла) и најекстремни глобални затоплувања во геолошката историја, наречена палеоценско-еоценски термален максимум или иницијален еоценски термален максимум (ПЕТМ или ИЕТМ).
Предвидување колку ќе се зголемат температурите во следните 80 години
Фото: Daily Mail
Тоа било епизода на брзо и интензивно загревање, кое траело помалку од сто илјади години. Термалниот максимум предизвикал видливо масовно изумирање, кое ја дели еоценската фауна од палеоценскиот екосистем.
Еоценската глобална клима била можеби најхомогена во кенозоикот - температурниот градиент од екваторот до половите изнесувал само половина од денешниот, а длабоките океански струи биле невообичаено топли во споредба со
денешните.
Поларните региони биле потопли отколку што се денес, па шумите поврзани со умерена или топла клима се протегале до половите. Исто така, тие биле многу повлажни отколку што се денес. Поларните подрачја најверојатно имале клима слична со пацифичкиот северозапад на денешните САД. Тропската клима на северот се протегала сѐ до 45 степени географска ширина до екваторот.
Климата останала топла во остатокот од еоценот, иако бавното глобално заладување почнало пред крајот на епохата, кога океанските струи околу Антарктикот почнале да се ладат.