И додека некои фотомонтажи во советските весници биле правени за уметнички цели, другите имале скриен мотив – да служат во интерес на
пропагандата.
Овие фотомонтажи, кои прикажуваат настани од Втората светска војна, претставуваат еден од најчестите инструменти на советската пропаганда.
Истовремено ангажирани со војната и одржувањето на воената сила, властите ја гледале пропагандата како начин за намалување на општествениот немир и за јакнење на борбениот дух.
Во таа смисла пропагандата дејствувала како „трет фронт“ каде што исто така може да се порази непријателот, да се охрабри војската и да се пофалат сојузниците.
Овие колажи од фотографии – долги од 15 сантиметри до 1 метар, се приказ на тоа како изгледале во советскиот печат.
За време на војната никој не можел да се појави на фронтот без писмена дозвола. А секој што имал фотоапарат ризикувал да заработи кривична пријава.
Фотографиите на некои „среќници“ што ги праќале како потсетник на војната секогаш завршувале во Советското биро за информации, кое било задолжено за известување од фронтот, за меѓународната ситуација и за секојдневниот живот.
По строгата цензура и манипулација, многу фотографии поминувале низ „уметничко ретуширање“ и од нив биле правени колажи, а тоа го работеле еминентни дипломирани уметници.
Следниот чекор бил фотокопирање и испраќање на фотографијата во печат. Сликите во весниците биле беспрекорни, без каква било трага од манипулација.
Денес можат да се најдат многу малку примероци од оваа „уметност“. Со распаѓањето на Советскиот Сојуз многу весници згаснале, а нивните материјали и архиви се изгубени или уништени.
За среќа, некои колажи преживеале во рацете на поедини колекционери, па сега нудат увид во тоа колку лесно може да се промени значењето дури и на најверодостојните фотографии.