X
 03.10.2017 Култура

Во оваа држава емирот му подарува куќа на тој што нема

dubai

Пред малку повеќе од 200 години на тоа место имало само пустина, немало никакво минато. Дубаи, најпознатиот град на Обединетите Арапски Емирати и доста популарна туристичка дестинација во светот, денес може да се натпреварува со познатите антички градови низ целиот свет. Неговиот сегашен емир Мохамед бин Рашид ал-Мактум вели дека Дубаи ќе биде град на иднината.

Нафта за уште пет години

До откривањето на нафтата, Дубаи бил мал и не многу важен град на Блискиот Исток. Нафтата му донела огромен профит, но владетелите на Дубаи проценуваат дека резервите на црното злато нема да бидат непресушни, така што се насочија кон други извори - трговија, туризам и индустрија. Нафтата денес претставува само 6 отсто од вкупниот БДП на Дубаи. Резерви на црно злато имаат за уште пет години. Најголем дел од приходите доаѓаат од алуминиумската индустрија - околу 70 отсто. БДП по глава на жител изнесува 65,000 долари. А голем дел од жителите се странци. Само 11 отсто од вкупно 3,9 милиони жители имаат државјанство на ОАЕ.

Дубаи е познат по високите температури во текот на денот, кои надминуваат 40 Целзиусови степени, а во текот на летните месеци температурите се уште повисоки. Во Дубаи дури и автобуските постојки се климатизирани. Без клима во градот едноставно не е возможно да се живее.

И покрај оваа атмосфера, сè поголем број туристи одат во Дубаи, кој нуди светски познати атракции, како што се највисокиот облакодер во светот - „Бурџ Калифа“, најголемиот аквариум или најголемиот шопинг-центар во светот. Во Дубаи моментално се наоѓаат 386 хотели со 56.000 соби. Сите тие главно се со пет ѕвезди. Дубаи може да се пофали и со единствениот хотел со седум ѕвезди - „Буруџ ал Араб“.

Сепак, доколку се одлучите да го посетите Дубаи, не заборавајте го и стариот дел за да стекнете подобар впечаток или подобро кажано да видите како од ништо се издигна таа шума од облакодери и модерни згради. Градските власти зачувале 60 куќи од стариот Дубаи во кои може да се види дека пред клима-уредите жителите преживувале пеколни жештини, градејќи кули како вентилациски систем.

Деловната област била создадена пред 15 години, а ја обележуваат многубројни облакодери. Многу жители на Дубаи знаат да го наречат овој дел стар, со оглед на брзината со која се шири градот. Центарот, кој го обележува „Бурџ Калифа“, настанал пред шест години, а тоа е комплекс на деловни и станбени објекти и облакодери. „Бурџ Калифа“ е висок 828 метри и е највисокиот облакодер во светот. Неговата изградба почнала во 2004 година, а облакодерот бил отворен во 2010 година. На него работеле 35.000 работници.

До најголемиот облакодер е изграден најголемиот трговски центар во светот - „Дубаи мол“, кој се протега на повеќе од 502.000 квадратни метри и има 1.200 продавници. Тука можат да се најдат сите можни дизајнерски продавници. Во самиот центар се наоѓа вештачко езеро со голема фонтана. Но емирот Мохамед бин Рашид ал-Мактоум не сака да застане тука, па така Дубаи ќе добие уште поголем шопинг-центар и уште повисок облакодер.

Мохамед бин Рашид ал-Мактоум, за разлика од другите блискоисточни шеици, е доста отворен кон народот. Неговата палата во Дубаи може да се фотографира. Често се случува емирот да дојде до посетителите и да ги поздрави. Во Дубаи, заедно со емирот, главен збор имаат уште пет семејства, а овој емир не е толку строг во спроведувањето на шеријатскиот закон. Алкохолот се сервира во ресторани и во барови, жените се доста еманципирани, работат, возат автомобили и не се инсистира строго одвојување од мажите на јавни места.

Соодветно со раскошот што го овозможува Дубаи, и метрото нуди можност за луксузен превоз за сите оние што сакаат да платат повеќе, па така постои „голд класа“, во која седиштата се значително поудобни. Горивото е доста евтино. Освен евтиниот јавен превоз, кој може да го користат сите жители на Дубаи, за домашното население властите се грижат уште повеќе, па така секој жител - државјанин на Дубаи што не може да си дозволи, добива бесплатна куќа од емирот.

Невозможно да се стигне до државјанство


Во Дубаи наскоро ќе биде отворен и Музеј на иднината. Иднината што ја нуди Дубаи. А иднината што се гради, ја градат вредните раце на Индијците и Пакистанците. Бауштелците сочинуваат една четвртина од населението во градот. Тие работат 12 часа на ден, а заработуваат 300 долари месечно. Половина од парите им ги испраќаат на своите семејства во Индија или во Пакистан. Тие добиваат договори за една година, а потоа не можат да ја продолжат соработката со истата компанија. Ако не можат да најдат работа во друга компанија, си одат дома.

Стекнувањето државјанство е невозможна мисија колку долго и да живее човек таму. Луѓето што доаѓаат од Индија, Пакистан и од другите азиски земји чекаат многу време за да добијат пасош. Ова не значи дека тие ќе добијат државјанство.

ГАЛЕРИЈА
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура