X
 04.10.2017 Образование

Треба ли родителите да им помагаат на децата со домашните задачи?

Доколку родителите им ги коригираат домашните задачи на децата, тие нема никогаш да се навикнат на одговорност бидејќи ќе сметаат дека секогаш некој ќе им ги поправа грешките, велат психолозите.


Фото: (Pixabay)

Домашните задачи што наставниците им ги задаваат на учениците се главоболка за речиси целото семејство. Многу често детето седнува да пишува, а еден од родителите задолжително седи до него, гледа што пишува, му сугерира што и како да напише, му ги поправа грешките, внимава каде греши, му дообјаснува. На крај уште еднаш родителите комплетно ја проверуваат домашната задача, ги поправаат и последните грешки што поминале незабележано, па си легнуваат задоволни.

Честопати, немајќи трпение и време да чекаат детето да ја заврши домашната задача, решаваат да го сторат тоа место него. Така, родителите пишуваат состави, смислуваат стихотворби, цртаат и бојат, решаваат математички проблеми, резбаат, прават научни проекти, само за детето да добие пофалба или петка од наставниците. Која е границата до која родителите треба да им помагаат на децата со домашните задачи и дали воопшто треба да им помагаат?

Наставниците се едногласни - родителите треба да му помогнат на детето доколку нешто не разбира доволно, да му дообјаснат. На пример, да му разјаснат што се бара од него во домашната задача и потоа да го остават самото да ја заврши како што смета дека треба. Но, никако не смеат да ги пишуваат домашните задачи место него.

- Има ученици на кои родителите им помагаат со домашните задачи, многу се ретки тие што воопшто не се вклучуваат во овој процес, но огромен е бројот на тие што ги работат домашните задачи место децата. Верувајте, веднаш се познава која задача ја завршил родителот, а која детето самостојно. Работите одат дотаму што се бара помош од роднини, пријатели, соседи, на „Фејсбук“, за да се напише стихотворба наместо детето, состав, да се реши некоја зададена математичка задача - вели наставничката Бојана Тренчевска, која предава во основно училиште.

Според неа, родителите мора да постават граница до каде треба да им помагаат на децата.

- Домашните задачи што им ги задаваме на учениците се поврзани со материјалот што се предавал на часовите, односно детето веќе слушнало и претпоставуваме дека разбрало што треба да направи. Родителите треба да се вклучат само ако видат дека детето не разбрало доволно на часот и според тоа, не може да ја заврши задачата. Но таа помош треба да се состои само во дообјаснување и давање насока. Не треба цело време да седат до него, да му ја коригираат секоја грешка. И најважно - родителот никогаш не смее да си дозволи да седне и да го напише домашното место детето - вели Тренчевска.

Родителите, пак, сметаат дека домашните задачи што ги добиваат децата се многу комплицирани и несоодветни за одредена возраст, така што не можат да се завршат без помош. Особено ги нагласуваат домашните задачи по математика, за кои велат дека и возрасен човек треба добро да размисли за да ги реши, а не пак деца.

Психолозите велат дека со постојаното инсистирање да помагаат при домашните задачи и со седењето до детето додека ги завршува, родителите прават огромна грешка и повеќе му одмагаат на детето отколку што му помагаат. Доколку тоа се навикне да пишува домашни само со родителот до себе, нема да биде способно да ја заврши таа обврска кога ќе биде само.

- Доколку родителите им ги коригираат домашните задачи на децата, тие нема никогаш да се навикнат на одговорност бидејќи ќе сметаат дека секогаш некој ќе им ги поправа грешките. Дополнително, со таквото однесување родителите им ја уриваат самодовербата на децата бидејќи индиректно им покажуваат дека се неспособни самите да си ги завршат обврските - објаснуваат психолозите.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование