X
 02.12.2016 Образование

Поднесени се преставки за учебникот по Општество за четврто одделение

Претставки против учебникот по „Општество“ за четврто одделение до Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат денеска поднесоа 40 мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, кои сметаат дека учениците не треба да бидат изложени на дискриминаторска содржина. Тие се поддржани и од осум граѓански организации.



- Во учебникот на страна 18 се учи за брачен живот и брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (општина), црква или друго. Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или пак еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба - стои во соопштението како причина за поднесените претставки.

Ваквата содржина е спротивна на Законот за семејство кој гарантира еднаквост на децата родени во и вон брак, спротивна на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранува дискриминација врз основа на брачен и смеен статус во образованието и секако спротивна на целите на основното образование согласно Законот за основно образование, и правото на образование на секое дете без дискриминација. Со дискриминаторска содржина во учебниците се повредуваат и одредбите на Конвенцијата за правата на детето која вели дека образованието треба да биде насочено кон почитување на личноста на детето, неговите идентитетски карактеристики, почитување на правата на човекот, подготовка на детето за разбирање на различностите и еднаквоста меѓу половите – стои во соопштението.

Со претставките се бара Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат да утврдат дискриминација и да му наложат на Министерството за образование и наука да започне постапка за издавање на нов современ учебник, со инклузивни содржини кои одговараат на потребите на учениците и родителите.

Минатиот месец на социјалните мрежи една самохрана мајка објави дека нејзината ќерка за домашна работа добила да залепи фотографија од свадбата на родителите. Таа постави прашање дали надлежните знаат дека има деца кои имаат разведени родители или кои живеат со родители во вонбрачна заедница. Нејзината објава ги разгори социјалните мрежи на кои сè уште се води дебата околу содржините на учебникот по Општество. Голем дел од граѓаните сметаат дека оваа лекција ќе ги повреди чувствата на многу деца кои живеат само со еден родител, без родители или пак со родители кои не правеле свадба и не се во брак. Оваа случка, ги предизвика родителите, па на социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии со неточни содржини во учебниците или нелогичности.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование