X
 06.10.2016 Образование

Хрватско училиште без домашни задачи

Во седумдесетите години на минатиот век Стјепан Сокол како млад професор почнал да работи во основно училиште Вјенац, но поради неговиот стремеж и желба да ги менува нештата придонел училиштето никогаш повеќе да не биде исто. Денес неговото училиште е единствено во Хрватска што ги забранило класичните домашните задачи.

училница


„Со првата генерација во 1973 пробав на различни начини да ја осовременам наставата и уште тогаш ми беше јасно дека децата се премногу затрупани со домашни задачи. За почеток ги намалив, а го зголемив материјалот за часовите. Кога почнав со друга генерација во 1977 веднаш им кажав на радителите дека децата кај мене нема да имаат домашни задачи, само како исклучок. Родителите најпрво беа скаменети, но кога им образложив и им дадов упатства како да се однесуваат со детето, за брзо време ја увидоа предноста“, зборува Сокол кој 10 години подоцна станал директор на училиштето, а со тоа и промените станале посериозни.

Денес сé уште се негува системот што го поставил професорот пред 12 години. Децата не добиваат оцени, ниту знаци (плус или минус) со цел да се мотивираат да продолжат, да им се прилагодат задачите и да ги решаваат со наставниците, а не дома. На овој начин имаат повеќе време за учење и други слободни активности.

Кога се воспоставил системот во 2004 година, многу родители биле загрижени дека децата ќе постигнуваат слаби успеси, но се докажало спротивното. Кон децата се пристапува индивидуално и задачите што ги добиваат се прилагодени на нивните можности. Целта е да се научат да преземаат одговорност за својот напредок. На оние што им оди полесно, откако ќе совладаат одредени задачи продолжуваат со потешки и не ги решаваат оние што знаат дека лесно ќе ги решат. На овој начин тие учат дека со поголеми напори резултатите се подобри.

Наставниот кадар се стреми што повеќе задачи да се изработат на час. Ако нешто остане недовршено, тие може да го завршат дома, но и не мораат. Задачата може да се заврши и на следниот час.

Професотот Стјепан Сокол се сеќава како на почетокот воопшто не било лесно. Професорите по математика, мајчин и странски јазик не можеле да ги прифатат промените, но кога ги увиделе резултатите го смениле и мислењето. Една од професорките што го наследила класот на професорот Сокол била изненадена што децата ги решавале задачите по математика за 25 минути, за разлика од другите на кои им биле потребни 45.


училница со деца


Кој се оценува – учениците или родителите?


Рената Пако, една од наставничките, вели дека во училиштето во кое претходно работела функционирал стандардниот систем и често се случувало детето да ги има напишано сите домашни задачи, но да не знае ништо затоа што во голема мера родителот ги решавал задачите.
Задачите се прилагодени на индивидуалните можности. Децата што не успеале да ги завршат задачите на училиште не добиваат нови за дома. На децата секогаш им се нагласува за сите нејасни нешта да прашаат на училиште, а не да ги прашуваат родителите. Се организира и дополнителна настава за таа цел.

Професорите велат дека децата се мотивирани и бараат дополнителни содржини. Нема ниту поправни испити, а цела атмосфера во училиштето е опуштена и лежерна. Се тежнее кон тоа децата да ја учат содржината. Кристина Рајлиќ, една од професорките, раскажува како нејзината ќерка учи во друго училиште со страндарден систем на оценување:

„Ќерка ми знае да реши 5 страници од работните тетратки на предметите, но таа го нема научено материјалот, туку се служи со учебникот“.

Родителите на децата во хрватското основно училиште се презадоволни и велат дека децата решаваат задачи што и тие самите не можат да ги решат. Патем, тие велат дека децата не чувствуваат притисок и стрес и имаат време за другите нивни интереси.

Се постигнуваат подобри резултати во средно училиште

„Учениците што во нашето училиште поминуваа со добар или многу добар успех, постигнуваат подобри резултати во средно училиште. И додека другите се порат само за оценки, тие се борат за знаење и се многу посамостојни. Сето тоа влијаело на целокупната атмосфера во училиштето“, вели професорот Сокол.
Подготвил: Марта Димитров

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование