X
 01.11.2017 Култура

Необјавени ракописи од познати писатели


Машина за пишување
(Фото: Pixabay)


Прашање е дали постои писател чии дела стигнале на списокот со најчитани. Уште поголемо е прашањето дали постои таков што ги објавил сите напишани работи. Некои ракописи, дури и од најпознатите писатели, не успеале да бидат објавени во јавноста: дел биле уништени, дел украдени, одбиени или засекогаш останале заклучени во фиоките на авторите.

1.    „Островот на крстот“ од Херман Мелвил

Иако „Моби Дик“ и денес е многу популарен роман, кога бил објавен доживеал комплетно фијаско, во комерцијална смисла. Истата судбина ја доживеал и следниот роман од Мелвил, „Пјер“.

Затоа тој во 1893 година почнал да го пишува романот „Островот на крстот“, кој наводно се базирал на вистинска приказна која Мелвил ја чул при едно патување во Нантакет.

Според неа, Агата Хеч, ќерката на чуварот на светилникот во Масачусетс, се омажила за морнар кој ја напуштил додека била бремена и се вратил по 17 години. Откако ја чул приказнава, Мелвил најпрво му ја раскажал на друг писател, кој пак го поттикнал самиот да ја напише. Тој го послушал советот со надеж дека ќе има повеќе среќа во продажбата, но издавачката куќа не го делела истото мислење. Иако точните причини и денес се непознати, се шпекулира дека причина за одбивањето бил стравот дека вистинските актери на настанот би можеле да поднесат тужба. Овој ракопис денес е комплетно изгубен.

2.    „Нашиот брачен живот“, „Џонсон“, „Мистеријата на Бонита“ и „Моли Удл“ од Л. Френк Баум

Авторот на „Волшебникот од Оз“ е своевиден рекордер на овој список. Иако Баум пред сè бил детски писател, во текот на својата кариера се обидел да пишува и романи за возрасни. За тој дел од неговиот опус денес речиси ништо не се знае, и тоа од добри причини.

Имено, дури четири романи од овој автор никогаш не стигнале пред очите на јавноста. Овие четири романи биле создадени во периодот меѓу 1912 и 1915 година, а денес не е познато дали ракописите воопшто се сочувани.

Најстариот син на Баум, Френк, во своите мемоари навел дека неговата мајка ги запалила сите ракописи, иако многумина сметаат дека тоа не е вистина затоа што било извесно дека Френк Помладиот сакал да ѝ се одмазди на својата мајка затоа што го отфрлила од својот тестамент.

3.    „Вториот поглед“ од Силвија Плат

Силвија Плат е најпозната по својата поезија и својот единствен роман „Стаклено ѕвоно“. Откако извршила самоубиство на 30-годишна возраст, светот останал  посиромашен за нејзиниот писателски глас и специфична нарација.

Меѓутоа, во 1977 година нејзиниот сопруг Тед Хјуз (исто така писател) во своите мемоари открил дела Плат го пишувала својот втор роман непосредно пред смртта.

Романот „Вториот поглед“ бил замислен како автобиографија, а Силвија во него се занимавала со распаѓањето на нејзиниот брак со Хјуз. Во првото издание од своите мемоари Хјуз запишал дека пред да почине, Плат напишала дури 130 страници од новиот роман, за во подоцнежните изданија тој број да го сведе на 60 до 70.

Тој исто така навел дека ракописот на автобиографијата на Плат исчезнал во текот на 70-тите, а причината за тоа останала тајна. Иако не се знае со сигурност што се случило со овој роман и дали Силвија успеала да го заврши, ова споменување на ракописот дало повод за појава на многу шпекулации.

Голема е веројатноста дека Силвија Плат не претставила особено добра слика за својот сопруг, за кого се знае дека бил прељубник, па сите настани укажуваат дека исчезнувањето на овој ракопис не е ниту мистерија ниту несреќен случај.

4.    „Сиромавиот и дамата“ од Томас Харди

Иако многумина писатели се согласуваат со тврдењето дека првите дела најчесто се шаблонски и оптоварени со автобиографски елементи, Томас Харди со сигурност не би се согласил со нив.

Кога при крајот на 60-тите години од 19 век младиот Харди го испратил ракописот од својот прв роман во издавачките куќи во Лондон, еден човек кој бил задолжен за читање на новите ракописи, по име Џорџ Мередит, наводно ги спречил издавачите да го пуштат романот на Харди во печатница. Својот став Мередит го објаснувал со желбата да ја сочува репутацијата на младиот писател и да спречи неговиот првенец да му ја уништи кариерата, која била во зачеток.

Постојат две верзии на оваа приказна. Оние што му биле наклонети на писателот кажувале дека Мередит лично отишол кај писателот за да му го соопшти своето мислење, додека другите тврдат дека ракописот бил едноставно одбиен. Втората верзија била прифатлива и за авторите на биографијата на Харди од 1921 година, под наслов „Томас Харди, поет и текстописец“, каде што наведуваат дека второто сценарио било поверојатно.

Харди подоцна ја оправдувал одлуката на Мередит говорејќи дека тој предложил книгата да се стави на чекање затоа што била премногу филозофски обоена и претерано сатирична за млад писател, иако се чини дека не бил воодушевен од неа.

Ракописот го чувал сè до својата смрт, можеби со надеж дека романот некогаш би можел да го најде патот до читателите. Сепак, неколку години пред смртта Харди го запалил романот, па така тој засекогаш ќе остане мистерија за јавноста и за обожавателите на Харди.

5.    Недовршениот роман за Првата светска војна на Ернест Хемингвеј

Тешко дека во историјата на книжевноста може да се најде поневеројатен случај од кражбата на куферот во кој се наоѓале раните дела на Хемингвеј. Имено, кога тој известувал од Мировната конференција во Лозана, неговата прва сопруга Хедли Ричардосн го зела со себе овој бесценет куфер од Париз за да го однесе во Швајцарија, со цел да ги презентира неговите дела пред Линколн Шефенс, њујоршки репортер и писател.

Но, куферот никогаш не стигнал до својата дестинација. Пред да стигне во Швајцарија, на Хедли ѝ го украле куферот во возот. Во него се наоѓале индиго-копиите и оригиналите од сите кратки раскази на Хемингвеј што ги напишал до тој момент, како и ракописот за романот за Првата светска војна, на кој писателот долго време работел.

Откако делото му исчезнало среде пишување, Хемингвеј одлучил да заборави на него. Никогаш повторно не се обидел да го напише романот што го почнал, исто како и кратките раскази. Наместо тоа, по инцидентот сосема се посветил на пишување друг роман, кој ќе доживее комплетен успех – „Сонцето одново се раѓа“.

6.    „Принцот Медуза“ од Хантер С. Томпсон

Уште еден американски писател и новинар познат по својот новинарски стил на пишување останал без еден свој роман. Авторот на „Параноја во Лас Вегас“ и „Дневник на румот“ како млад писател се соочил со одбивање на неговиот ракопис.

Неговиот прв роман „Принцот Медуза“ издавачите го одбиле и така го осудиле на вечен заборав. Велат дека приказната била од автобиографска природа и зборувала за момче од Луивил кое дошло во големиот град во потрага по среќа. Подоцна и Томпсон признал дека романот бил неинтересен и неговата приказна била невпечатлива и лесна за заборавање. Дали овој ракопис сè уште постои, не е познато.

Интересно е дека тоа не е единствениот ракопис на Томпсон што бил одбиен. Неговиот следен роман „Дневник на румот“ исто така долго време не бил објавен. Томпсон го напишал во 60-тите години инспириран од времето што го поминал во Порторико, меѓутоа, на неговото објавување се чекало сè до 1998 година, кога неговиот пријател го нашол во неговиот стан и го наговорил да се обиде повторно да го објави.

Со игра на судбината, тој пријател на Томпсон бил Џони Деп, кој подоцна ќе ја игра главната улога во филмската адаптација на овој роман, по успешната филмска адаптација на неговата претходна книга „Параноја во Лас Вегас“.

7.    „Месечината  на скрибоманот“ од Маргарет Атвуд

Еве еден роман кој буквално завршил заклучен во фиока. Или попрецизно, во сеф.

Имено, Маргарет Атвуд во 2014 година напишала роман за проектот „Библиотека на иднината“ што го спроведувала норвешката Народна библиотека. Проектот бил осмислен така што да ги чува ракописите од рани писатели сè до 2114 година, кога би требало да бидат издадени во една антологија. Проектот засадил 1.000 садници во Норвешка од кои за нешто помалку од сто години би се произвела хартија за печатење на 1.000 примероци од оваа единствена антологија.

Маргарет Атвуд била првата што го предала својот ракопис на чување во овој проект, а идејата била секој писател секоја година да додава по уште едно свое необјавено дело во оваа колекција. По нејзините стапки тргнале и Дејвид Мичел со својот роман „Од мене тече она што се нарекува време“ и во 2016 година Сигурјон Б. Сигурдсон со романот „VII: Додека мојата четкичка ги допира туниките на ангелите“.

Деталите за овој роман, кој го напишала авторката на „Приказната на робинката“, се непознати за јавноста. Имено, сите ракописи што спаѓаат во овој проект се изложени во Народната библиотека во Осло, но не се достапни за читање. Иако повеќето од нас нема да дочекаат да ги прочитаат овие дела, свој примерок можете да резервирате доколку уплатите 1.000 долари за проектот „Библиотеката на иднината“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура