X
 17.02.2022 Живот

Сателитска снимка покажува колку вештачки снег користи Кина за ЗОИ

Нова сателитска снимка го покажува остриот контраст помеѓу вештачкиот снег и сушните и карпести планини на Зимските олимписки игри во Пекинг.

Фотографијата, направена од сателитот „Ландсат 8“ на 29 јануари, ја прикажува олимписката зона Јанкинг на планината Ксиаохаитуо, наречена „Карпата“, и се наоѓа на околу 74 километри северозападно од Пекинг. Областа се користи за организирање лизгачки спортови и алписко скијање, за што се потребни долги патеки од снег или мраз, односно потребни се илјадници кубни метри снег. Во просек, регионот добива само 3,3 сантиметри снег во февруари, според Земјината опсерваторија на НАСА.

Како резултат на тоа, Игрите во Пекинг, кои официјално почнаа на 4 февруари, се првите Зимски олимписки игри што ќе бараат практично со 100 отсто вештачки снег за сите спортови базирани на снег, кои исто така вклучуваат скијачки скокови, спортови во слободен стил на снег и крос-кантри скијање, според новиот извештај напишан од истражувачите од Универзитетот „Лафборо“ во Англија. Употребата на вештачки снег предизвика контроверзии и доведе до реакција од еколозите и некои спортисти.

За да се произведе вештачки снег, потребна е огромна количина вода и енергија . Во новиот извештај истражувачите проценуваат дека Игрите во Пекинг ќе користат најмалку 1,2 милион кубни метри вештачки снег, за што ќе бидат потребни околу 223 милиони литри вода. За да има толку снег, организаторите поставија 300 снежни топа напојувани од 130 генератори.

sneg
Фото: Freepik

Кина тврди дека Зимските олимписки игри ќе се напојуваат со 100 отсто обновлива енергија.

Според извештајот, вештачкиот снег предизвикува и голем број други еколошки проблеми. За да се зголеми долговечноста на лажниот снег, во водата се додаваат хемикалии за да се спречи топење. Овие хемикалии можат да им предизвикаат значителна штета на растенијата, а истекувањето во реките може да влијае врз околните области. Одложеното топење на вештачкиот снег, исто така, може да го наруши однесувањето на растенијата и на животните, а загадувањето со бучава создадено од снежните топови може да влијае врз локалниот див свет, напишаа истражувачите.

sneg
Фото: Joshua Stevens/Landsat/NASA Earth Observatory

Составот на вештачкиот снег, исто така, прави разлика за спортистите; тоа е речиси 30 отсто мраз и 70 отсто воздух, додека природниот снег е поблиску до 10 отсто мраз и 90 отсто воздух, според извештајот. Оваа разлика ги прави падините со вештачки снег и побрзи и физички потешки од падините со природен снег на кои спортистите обично тренираат, што може да ги сопне дури и најискусните спортисти, напишаа истражувачите во новиот извештај. Условите, исто така, може да ги направат потешки повредите од несреќи.

Веќе имаше голем број несреќи од висок профил во алпското скијање во првите неколку дена од тековните игри. Несреќите и големите повреди отсекогаш биле голем ризик за алпските скијачи и никој од повредените спортисти не ја обвини директно вештачката површина - но ова не ги спречи обожавателите и коментаторите да шпекулираат дека е барем делумно одговорна. Дури откако ќе бидат завршени сите трки, организаторите ќе можат точно да кажат како снегот влијаел врз спортистите.

Извор: Livescience.com
Фото: Joshua Stevens/Landsat/NASA Earth Observatory
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот