X
 11.11.2017 Наука

Пронајдена ѕвезда што во теорија воопшто не требало да постои

supernova
Фото: Thinkstock

И покрај тоа што досега експлодирала неколку пати, супернова „iPTF14hls“ сè уште постои.

Наречена „Зомби ѕвезда“, оваа супернова што била пронајдена во септември 2014 година, на астрономите од Опсерваторијата „Лас Кумбрес“ во Калифорнија, на почетокот им изгледала сосема нормално.

Тие ја набљудувале ѕвездата за подобро да го проучат материјалот и брзината на овој процес. Сепак, научникот Џенг Чуен Вонг набрзо забележал нешто необично.

Иако масовната експлозија на ѕвездата обично го означува нејзиниот крај, а нејзините остатоци продолжуваат да емитуваат светлина уште околу 100 дена пред конечно да се изгаснат, оваа ѕвезда продолжила да емитува светлина уште 600 дена.

„Прво мислевме дека станува збор за некоја од блиските ѕвезди во нашата галаксија, но сфативме дека станува збор за супернова оддалечена 500 милиони светлосни години. Бевме шокирани. Никогаш досега не сме виделе толку сјајна ѕвезда“, вели Ијаир Аркави, водечки научник на истражувањето. Анализата на податоците во архивата покажала дека станува збор за истата ѕвезда што експлодирала во 1954 година.

„Тоа значи дека постои уште многу што треба да го научиме за еволуцијата на масивните ѕвезди и начини на кои експлодираат“, изјави Аркави.

1

„Со оглед на тоа дека во текот на експлозијата се ослободува голема количина на маса и енергија, ако таквите случувања се чести би можеле да имаат големо влијаание на своето опкружување. Така на пример, оваа супернова би влијаела на целата своја галаксија“, додава тој.

Оваа супернова е 50 пати помасивна од Сонцето, а нејзината експлозија била најдолгата која научниците некогаш ја забележале. „Би можело да станува збор за најмасивната ѕвезда што некогаш сме ја набљудувале“, вели Аркави.

Неговиот колега Енди Хауел вели дека ваквите појави би биле чести во раниот период на постоење на вселената и денес ова би требало целосно да изумре.

„Исто е како денес да пронајдете жив диносаурус. Ако го пронајдете, ќе се запрашате дали навистина станува збор за диносаурус“, вели Хауел.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука