Некои професори ни потврдија дека воопшто не ги земаат предвид резултатите откако ќе го проверат текстот.
На системот за плагијати со кој универзитетските професори проверуваат дали делата на студентите, магистрандите и на докторандите се оригинални му е потребен ремонт. Тој воопшто не е функционален, а главниот проблем е што работи на едноставна проверка на зборови, па ги лови и термините како „страница“, „содржина на теза“, име и презиме на авторот, објаснуваат универзитетски професори.
Професори не ги земаат предвид резултатите
Некои од нив ни потврдија дека воопшто не ги земаат предвид резултатите откако ќе го проверат текстот.
- Семинарска од ист автор, ставена двапати по грешка, испадна дека е целосен плагијат. Грешки се прават, но не постои опција едната да се избрише од системот. Таа е оригинално дело, но поради ваква грешка, испаѓа дека е плагијат. Очигледно е правен набрзина, без да се тестира функционалноста, па затоа и не го земам предвид. Ставам сѐ таму бидејќи имам обврска, но не му верувам – вели универзитетска професорка од Правен факултет.
И професорот Владимир Трајковиќ од ФИНКИ објаснува дека го користи системот, но реално не е задоволен со него. Смета дека таков сервис е потребен, но не разбира зошто е обвиткан во мистерија.
- Никаде јавно не е кажано на кој принцип прегледува, проверува и заклучува, дури не е наведена ни компанијата што го реализирала. Ќе се согласите дека е малку тешко да се коментира за таков систем кој најверојатно сѐ менува, но нема информации како и зошто – вели Трајковиќ.
Причините за неговото незадоволство се поради неговата често апсурдна функционалност.
- Се чини (повторно не сум сигурен затоа што никаде нема објаснување) дека работи на едноставна проверка на зборови кои последователно се повторуваат, па така како исти ги брои (или во некоја верзија кога сум го проверувал тоа) и елементите од текстот како: „страница 1“, „содржина на тезата“ и слично. Не сум сигурен дали проверува синоними, преводи од други познати јазици и слично (нешто што јавните системи со отворен код веќе го прават за англискиот јазик). За жал, за разлика од основниот код за проверка на два текста, елементите што зависат од јазикот не може баш лесно да се преземат и да се приспособат од слични системи со отворен код, па можеби поради тоа (повторно шпекулирам) тие не се развиени – смета Трајковиќ.
Во софтверот се внесени 29.638 документи, од кои 139 се целосни плагијати
Според него, без тие малку пософистицирани модули, системот има тривијална функционалност, односно лови случаи кога големи парчиња текст се појавуваат без воопшто да се променат. Дури, вели Трајковски, и во тој случај не води сметка дали е тоа поради тоа што, на пример, самиот автор го пуштил текстот на проверка (по личен избор) пред неговиот ментор (тоа е службена обврска на менторот).
- Ова ми се има случено, а решението повторно претставува релативно едноставна функционалност, јас како ментор мора да наведам кој е авторот. Според мене, главен проблем со системот е што преку МОН е наложено тој да се користи и тој мора да се користи – објаснува Трајковиќ.
Според Законот за научноистражувачка дејност, софтверот plagijati.mk е задолжителен за сите семинарски, магистерски, специјалистички трудови кои мора да бидат внесени од страна на менторот. Откако софтверот ќе даде извештај за процентот на совпаѓање во текстот, сепак крајната одлука дали делото е плагијат или не е на професорот.
Од Министерството за образование и наука добивме податоци дека во базата досега се внесени 29.638 документи од кои најмногу, магистерски (16.143), па потоа семинарски (7.088). Во 139 документи има совпаѓање од 99 проценти, а во 32 документи има совпаѓање од 90 отсто.