X
 19.12.2017 Наука

Дали се расправате на социјалните мрежи?! Има објаснување и за тоа...


Девојка четува на смартфон
(Фото: Pixabay)


Веројатно барем еднаш сте се нашле во таква ситуација. Сте објавиле свое мислење на „Фејсбук“, сте се пожалиле на нешто или само сте постирале линк до некој напис. А потоа ви коментирале и оние што се согласуваат со вас, но и оние што имаат поинакво, дури и сосема спротивно мислење.

И наеднаш, под вашиот пост се развива расправија каде што се споменува и вашето семејство со неприлични зборови, летаат меѓусебни обвинувања и пцости... Притоа, во караницата не учествуваат само лица што ги познавате, туку и некои што никогаш не сте ги сретнале.

Зошто се случува ова? Зошто толку лесно стануваме непристојни кон лица што не ги познаваме? Експериментот што неодамна го спровеле истражувачи од универзитетите „Беркли“ и „Чикаго“ нудат можен одговор на овие прашања. Имено, проблемот е во тоа што поинаку ја перципираме содржината што ја гледаме и слушаме во живо наспроти онаа содржина што само ја читаме.

Два клучни психолошки мотиви

Во експериментот учествувале 300 испитаници кои требало да прочитаат содржина, да погледнат видео и да следат расправа во живо на чувствителни теми како војна, абортус и разлики во музички жанрови. Потоа истражувачите разговарале за нивните реакции на мислењата и ставовите со кои не се согласувале испитаниците.

Воопштено гледајќи, широко било распространето уверувањето дека луѓето со кои не се согласуваме, или ги сметаме за глупави или сметаме дека воопшто не се заинтересирани за да го сфатат проблемот. Но, постоела значајна разлика меѓу оние што слушале или гледале некого додека ги изнесува своите ставови во однос на оние што само ја читале содржината.

Секој што гледал или слушал бил помалку склон лесно да го отфрли соговорникот како неупатен или бесчувствителен, за разлика од „читачите“ што на прва го правеле тоа.

„Комуникацијата на интернет се разликува од комуникацијата во реалноста затоа што се случува пред публика која најчесто е хетерогена и многу поголема од онаа во реалноста.“

Поради тоа, тешко е да се приспособи начинот на комуникација на интернет за да им одговара на сите“, изјави Гордана Кутеровац-Јагодиќ, редовна професорка на Катедрата за развојна психологија при отсекот за психологија на Филозофскиот факултет во Загреб.

Комуницирањето на интернет – особено на социјалните мрежи – се „храни“ со некои психолошки мотиви, од кои најпрепознатливи се мотивот за припаѓање и мотивот за самопрезентирање.

Тие мотиви можат да ги поттикнуваат луѓето да изразуваат ставови и мислења со кои ќе можат да ги задоволат овие мотиви – па кога ќе добијат поддршка за своето мислење или став, се чувствуваат добро и сметаат дека припаѓаат на некоја поширока групација со исти ставови и мислења.

„Ако не добијат поддршка или се соочат со сосема спротивно мислење, можат да се почувствуваат повредени и емоционално да реагираат, со желба да ја заштитат посакуваната слика за себе пред другите“, предупредува Кутеровац-Јагодиќ.

Важен е и говорот на телото


Расправиите на интернет и на социјалните мрежи често стануваат многу жолчни поради недостигот на елементи на комуникацијата што постојат при интеракцијата лице в лице.

Имено, освен вербалната комуникација, за разбирање на пораките важни се и паравербалните знаци, како што се тонот, гласноста, силата, брзината на изречените зборови, како и невербалните знаци: изразот на лицето, очите, усните, положбата на телото...

„Сите тие заедно придонесуваат пораката да ја сфатиме на определен начин. Ако изостануваат некои од нив (што е случај при пишаната комуникација), тогаш многу лесно може да дојде до недоразбирање.

Токму затоа се воведени и емотиконите кои можат донекаде да помогнат кога ќе ги приклучиме на некаква изјава, за соговорникот да разбере дали се шегуваме или го боцкаме“, нагласува таа.

Затоа, ако сакаме да бидеме добро разбрани и сфатени, подобро е да се расправаме во живо отколку преку писмен пат.

„Често во тие расправии луѓето се многу поостри отколку што би биле кога пред себе би имале живо лице затоа што не можат комплетно да ја видат неговата реакција, затоа што тоа лице е деперсонализирано и оддалечено, така што не можат да почувствуваат симпатија или емпатија кон него или да ја видат реакцијата на искажаното што би ја почувствувале ако лицето е пред нив.

Би можеле да кажеме дека во тој облик на комуникација инхибицијата е намалена, особено кога се работи за непознати лица“, додаде Кутеровац-Јагодиќ.

Исто така, подобро е да не се влегува во расправи кои се однесуваат на вредности, уверенија и ставови кои тешко се менуваат, зашто расправиите преку социјалните мрежи не носат ништо ново или добро.

Од друга страна, расправите некогаш и не се толку лоши, особено ако можете да останете на ниво на аргументи или ако сте само набљудувач, затоа што ќе можете да стекнете увид во различни ставови и да добиете поширока слика за некој проблем.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука