Велат дека кичот постои откако постои уметноста. Одреден кич се смета за дел од уметноста, пониска уметност кај некои пониски сталежи во општеството на кои образованието им е или недостапно или недоволно застапено. Можеме да го дефинираме и како мост помеѓу високата уметност и необразованиот свет, прозорец во вистинската уметност.
Во сите видови уметност кичот најчесто лесно се препознава, иако тоа не мора да е правило. Понекогаш е тешко да се одреди дали некое дело е дел од високата уметност или кичот. Го има насекаде околу нас, на билбордите, автобусите, јакните, телевизијата, а посебно во музиката.
Музиката денес е гранка на индустријата. Побарувачката е голема - ако авторот не прави албуми на секои две години, тој повеќе не постои.
Шоу-програмите на телевизија вријат од идни пејачки ѕвезди кои се обидуваат со сите достапни средства да го привлечат нашето внимание.
„Фолк е народ.
Турбо е систем на вбризгување на гориво
под притисок во цилиндарот на моторот
со внатрешно согорување.
Јас не го измислив турбо фолкот,
јас му го дадов името“.
„Турбо фолк“, Рамбо Амадеус
За што всушност се пее?
Се пее за неверства, љубовни сплетки, стотици илјади пати обработени теми во текстовите преполни со клишеа, во кои се лишени и најмалите траги на емоции, неумесни тврдења и ставови надвор од какви било морални норми што, малку по малку, со долготрајно изложување на дејството на овие штетни агенси, доведува до апатија.
Вакви примери има и меѓу најпознатите бендови од поранешните држави, кои и ден-денес жарат и палат на многубројни фестивали. Но колку и да се обвинуваат телевизиските и радиостаниците, мораме да земеме предвид дека оваа криза не е од локален карактер. После она што многу луѓе го нарекувале уметнички бум на 80-тите, музичката сцена била исполнета со вакуум што го искористувале луѓето, главно бизнисмените, за брз профит.
Така имаме феномен на млад бог кај тинејџерките, Џастин Бибер, кој за кратко време се стекна со огромно богатство од песна што се состои од еден или два збора, кои се повторуваат во круг. За ситуацијата да биде уште полоша, зад ваквите песни работел цел тим наречен експерти.
Текстовите повеќе не мора да имаат некакво значење, што всушност не е ништо ново. Сè додека мелодијата е доволна, не се обрнува внимание на текстот.
Тоа го докажале и вработените во радиостаница во Лондон, „Би-би-си 6“, кои пред две години направиле истражување за влијанието на текстот врз комерцијалниот успех на песните, па создале листа со десетте најуспешни песни со најлоши текстови.
Секако, истражувањето се однесувало само на англиското говорно подрачје. Исто така, интересно е тоа што светски познатата песна на групата „Тото“, наречена „Африка“, влезе во првите десет.
„The wild dogs cry out in the night,
As they grow restless longing for some solitary company,
I know that I must do what’s right,
Sure as Kilimanjaro rises like Olympus above the Serengeti“.
„Africa”, Toto
Еден од заклучоците од овој експеримент вели дека во 80-тите години се пишувале текстови кои просечниот 12-годишник можел целосно да ги разбере, а денес границата паднала на 3-годишник. Останува прашањето дали тригодишниците станале попаметни или текстовите што ги пишуваат возрасните ја навредуваат нашата интелигенција. Колку навистина размислуваме за она што го слушаме?
Не се само текстописците виновни за сегашната ситуација. Инструментите се поевтини, а постојат и компјутерски алатки кои навистина помагаат во музичката продукција и во самиот процес на создавање музика без потребната основа за познавање на музиката. Со две-три инструкции на интернет, ако упатсвата се добри, секој може да седне на компјутер и да се обиде да создаде нешто без многу проблеми.
Шаблоните се повторуваат, се менува човечкиот глас, оркестрите се заменуваат со една компјутерска програма, се исфрлаат емоциите и мелодиите стануваат студени, додека луѓето со истренирано уво сето тоа го забележуваат.
Овој феномен на исфрлање на човекот од музиката е сè поприсутен меѓу популарните бендови.
Уште во 70-тите години од минатиот век, а веројатно и порано, имавме индивидуални песни без промена на ритамот и динамиката. Во 80-тите години се појавуваат песни со секвенции од неколку секунди кои постојано се повторуваат додека пејачот не го каже она што го има (на пример „Together in electric dreams“, „Human League“ или „True Faith“, „New Order“).
Подоцна, повеќето нови песни ја сочинуваат комбинацијата од двете претходно споменати можности.
За да бидат успешни песните денес, тие мора да имаат текст што може да го разбере тригодишник и постојан ритам со едноставна мелодија што периодично се повторува.
Текстовите се празни, без емоции, без поента.
Во светот се појавуваат групи на музички образовани луѓе кои сакаат да ја вратат публиката во музиката или музиката во публиката, создавајќи уметнички кич. Светски познатите симфониски оркестри ги обработуваат најпознатите песни од рок и поп-изведувачите во вид на класична музика за да ја демонстрираат моќта на класичните дела и на тој начин истовремено да ја привлечат публиката обидувајќи се да ја заинтересираат за вистинската, висока уметност.
Лондонскиот симфониски оркестар објави албум од најголемите хитови од британската рок-сцена во аранжман на симфонискиот оркестар, „The Piano Guys“ неуморно ги преработува најновите хитови.
Автор:
Марко Тодоровиќ