Аплицирањето беше безболно, се чувствувам добро. Можам да препорачам секој да ја прими бидејќи ова е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција со која се бори целиот свет. Откако ќе поминат 21 ден, ќе ја примам втората доза, рече прим. д-р Добринка Наунова-Јовановска, инфектолог
Во Македонија денеска почна процесот на имунизација против Ковид-19. Во модуларната болница, која е лоцирана до Клиниката за инфективни болести, здравствените работници вработени на клиниката, распоредени во одделни термини, почнаа да ја добиваат првата доза од вакцината на „Фајзер“. Очекувањата се, како што рече министерот за здравство Венко Филипче, во период од седум до десет дена со прва доза да бидат вакцинирани сите здравствени работници.
Габриела Темелковска, главната сестра на Клиниката, и прим. д-р Добринка Наунова-Јовановска, инфектолог на оваа клиника, изјавија дека се чувствуваат добро по примената прва доза.
- Аплицирањето беше безболно, се чувствувам добро. Можам да препорачам секој да ја прими бидејќи ова е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција со која се бори целиот свет. Откако ќе поминат 21 ден, ќе ја примам втората доза. Имунитет се стекнува за две до три недели откако ќе се примат двете дози. Ќе се чувствувам посигурно, во смисла ако дојдам во контакт со некој инфициран, многу полесно би се справила со инфекцијата. Затоа вакцината за мене е голема сигурност, ќе бидат заштитена повеќе од оние што не примиле вакцина - изјави докторката.
Фото: МЗ
Фото: МЗ
Министерот Филипче рече дека вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника ќе продолжи во наредните денови, а следни се вработените во сите ковид-центри, односно Институтот за белодробни заболувања - Козле и „8 Септември“, како и интерните клиники што работат со ковид-пациенти.
- Од викендов ќе почнат да се вакцинираат и здравствените работници во болниците низ државата. Во вчерашниот разговор со претставниците на „Фајзер“ беше кажано дека нови 4.000 дози ќе стасаат следната недела. Ќе ја започнеме и кампањата за подигање на свеста, граѓаните да знаат дека вакцините се безбедни, развиени се на безбедни платформи и дека ова е единствениот начин да ја смениме сликата на пандемијата - рече тој.
На прашање зошто тој не се вакцинира меѓу првите за да докаже дека вакцината е безбедна, Филипче рече дека не сака да им го земе редот на колегите што работат директно со ковид-пациенти.
- Кажав дека ќе се вакцинирам за да покажам дека вакцините се безбедни и дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет. Овие дози се броени, не сакам да им го земам местото на колегите. Ќе се вакцинирам со некоја од следните вакцини што ќе дојдат со цел да им покажам на граѓаните дека тоа треба и тие да го направат – рече тој.
Вакцините на „Фајзер“ можат да бидат изложени на температура од 2 до 8 степени. Филипче појасни дека со еден флакон, кој се раствора со 2 милилитри физиолошки раствор, може да се вакцинираат шест лица.
На здравствените работници им се земаат анамнестички податоци, по што следува краток преглед, па се средува административната работа во однос на закажување на следниот термин за ревакцинацијата по три недели.
Фото: МЗ
- Верувам дека во следните месеци ќе имаме успешен процес на имунизација - рече министерот.
Во неделата од Србија добивме 4.680 вакцини од компанијата „Фајзер“. До крајот на февруари, според последните информации од производителот до Министерството за здравство, треба да пристигнат и вакцините од Кина.