X
 17.02.2024 Живот

Коцкање - токсикоманија без дрога

Коцкањето е старо колку и човештвото. Се појавило во 2500 г. пр.н.е. и води потекло од древната Кина, а подоцна се појавува во Индија, па во стариот Рим. Како пример би го посочила блек џек, кој потекнува од Кина од 1900 година, а подоцна еволуира во Европа, Шпанија и Италија.

Во тоа време е направен и првиот шпил карти French pack, кој претставува прототип на денешните 52 карти. Лотото потекнува од 700 година од некои англиски колонии. Рулетот го користеле римските војници како вид забава. Сите трансакции на Волстрит се сметаат како вид професионално коцкање. Коцкањето само по себе не е општествена девијација затоа што тоа е заеднички израз за сите видови игри. Но, не е општествена девијација до оној момент кога на поединецот ќе му стане начин на живеење, стил на живеење и ја преминува границата од забава во навика. Оваа граница е многу фрагилна, тешко се поставува, а лесно се руши и преминува! Кога ќе се премине границата, тогаш коцкањето поминува во еден постојан образец на однесување кај поединецот, кој предизвикува многубројни и често нерешливи проблеми. Коцкањето е одраз на однесување на ист тип на личности, односно тоа ја изразува нивната патолошка структура на личноста.

Коцкањето е доброволно учество во меѓусебно пренесување, губење и добивање материјални вредности, најчесто пари, по пат на најразлични видови коцкарски игри. Коцкањето (зборуваме за моментот на преминување на границата) е болест на зависност што доведува до нарушување во функционирањето на психичкиот, физичкиот и социјалниот живот. Развојот на коцкањето - патолошкото коцкање, е потпомогнат од самото општество, како и ерата на модерната доба на живеење и растење. Денешното време ни овозможува да погледнеме, да учествуваме во богатиот привиден свет на големо богатство (впрочем, токму преку патолошкото коцкање), а со самото тоа секој еден што учествува во истото ја губи адекватната слика за вистинските човекови потреби.

Се почнува од забава, љубопитство или досада. На самиот почеток коцкарот почнува од спортските обложувалници, каде што вложува мала сума на пари. Меѓутоа, кога ќе се појави „почетничката“ среќа, кога коцкарот ќе почне да добива поголема сума пари од онаа што почетно ја вложил, се јавува потребата од вложување што повеќе пари за да се подигне „личната заработка“. Обично по три последователни добивки следува губиток, кој коцкарот го толкува како лош ден, едноставно немал среќа... Сѐ потоа повеќе не е забава! Коцкарот почнува да ја троши заработката или се позајмува со единствена цел да го врати целиот изгубен влог. Потоа повторно настанува цикличен период на губење и заработка. Коцкарот тогаш се впушта во потрага по друг вид игри каде што може да заработи поголема сума на пари. По спортските обложувалници коцкарот се „упатува“ кон слот-апаратите и рулетот. Тогаш почнува последователно да губи, но и понатаму игра со цел и надеж дека ќе ја победи машината, а кога губи на рулет, повторно се залажува со лоша среќа, лош ден или едноставно „броевите не го сакаа баш тогаш“. Тогаш губитоците стануваат огромни, а сумата која се вложува се удвојува. По периодот на губење и добивање следува период на очајување, кога коцкарот и покрај сѐ, не може да се оттргне од одењето во коцкарница, туку тоа станува негово утринско пиење кафе, негово секојдневие, негов свет. Во оној момент кога коцкарот единствено нешто на што мисли е одење во коцкарница, ја занемарува фамилијата, ја занемарува работата, сѐ почесто е отсутен од дома, се задолжува и се дружи во „одбрано“ друштво (на коцкари), тогаш со сигурност можеме да речеме дека проблемот зел голем замав и враќањето назад ќе биде особено тешко и неизвесно. Коцкарот тогаш почнува да го лаже семејството околу сумата на потрошените пари, како и потребата од истите, почнува да позајмува, да манипулира со пријателите дека му се потребни за лекови и сл.



Позајмената сума константно ја губи и се вовлекува во сѐ поголеми долгови. Кога коцкарот е разоткриен од семејството и пријателите дека ги манипулира околу позајмената сума пари, тој почнува да се задолжува кај лихварите. Тогаш тој себеси, како и семејството, се изложува на ризик, едноставно го загрозува нивниот и својот живот. Сумите што ги позајмува и ги губи стануваат огромни, па семејството е принудено да почнува да продава од имотот со цел да се спаси коцкарот, со надеж дека тоа ќе биде последно. Тогаш коцкарот има интензивно чувство на вина и ветува дека тоа е крај, последен губиток. По ова следува краток период на апстиненција, кога коцкарот чувствува силна вознемиреност, анксиозност, несоница, депресивни епизоди... Коцкарите знаат дека сето она што го прават е лошо за себе и ја загрозуваат фамилијата, но и покрај тоа, повторно се упатуваат во коцкарница, објаснувајќи го тоа како „нешто посилно“ што ги одвлекува таму. Тогаш се во состојба да поминат и по 12 и повеќе часови во коцкарниците... 

Имајќи го предвид периодот на апстиненција и повторно враќање во коцкарница, коцкарот и понатаму не признава дека има сериозен проблем и се залажува дека може да прекине во моментот кога ќе одлучи без никаков проблем. Меѓутоа, настанува период кога се потрошени „сите златни резерви“ и поради силно изразена депресија и чувство на очај, а неретко и самоубиствени идеи, му се обраќа на семејството со признание за стореното, па семејството се обидува да го започне лекувањето на коцкарот.
Зависноста од коцкање не е неизлечива доколку се следат препораките од стручните лица и се применуваат, но семејствата на коцкарите и самите коцкари треба да знаат дека периодот на лекување е исклучително долг и дека не постои апсолутна гаранција дека бившиот коцкар нема во еден момент да почне повторно да се коцка и целата агонија да почне одново.

ЗЛАТНО ПРАВИЛО ВО КОЦКАЊЕТО: „ВО КОЦКАЊЕТО ДОБИВКАТА Е СЛУЧАЈНОСТ, А ГУБИТОКОТ Е ПРАВИЛО!“

Автор: супспецијалист д-р Милијана Кацарска, психијатар, сертифициран за РЕБТерапија

Фото: Иван Каратанов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот