X
 23.08.2026 Живот

Грижата за кожата – инвестиција во здравјето, а не само во убавината

Во денешно време сè повеќе внимание се посветува на негата на кожата, но честопати фокусот е ставен на козметичките производи и естетскиот изглед, додека се заборава дека кожата е најголемиот орган на човечкото тело и има исклучително важна заштитна функција. Таа претставува бариера која нè штити од штетните влијанија на околината, микроорганизмите, ултравиолетовото (UV) зрачење и губењето на водата. Затоа, правилната грижа за кожата не треба да се сфати како луксуз, туку како дел од здравиот начин на живот.

Основата на секоја рутина за нега е правилното чистење на кожата, одржувањето на нејзината хидратација и употребата на производи кои одговараат на индивидуалниот тип кожа. Сепак, без разлика дали станува збор за сува, мрсна, комбинирана или чувствителна кожа, постои еден чекор кој не смее да се прескокне – секојдневната заштита од сонце со крем кој содржи заштитен фактор (SPF).

Погрешно е мислењето дека кремовите со SPF се потребни само кога сме на плажа или за време на летниот одмор. Ултравиолетовите зраци се присутни во текот на целата година. Дури и кога времето е облачно, значителен дел од UV-зраците продираат низ облаците и стигнуваат до кожата. Дополнително, UVA-зраците можат да поминуваат и низ стакло, што значи дека сме изложени на нив додека возиме автомобил или престојуваме во простории со големи прозорци.

Долготрајната и незаштитена изложеност на сонце има кумулативен ефект. Тоа значи дека оштетувањата не се појавуваат веднаш, туку се акумулираат со текот на годините. Како резултат на тоа, се забрзува стареењето на кожата, се појавуваат фини линии и брчки, пигментни дамки, губење на еластичноста и нерамномерен тен. Најсериозната последица, сепак, е зголемениот ризик за развој на преканцерозни промени и различни форми на рак на кожата, вклучувајќи го и меланомот – најагресивниот карцином на кожата.



Научните истражувања покажуваат дека редовната употреба на крем со заштитен фактор значително го намалува ризикот од оштетувања предизвикани од UV-зрачењето. За секојдневна употреба најчесто се препорачува SPF 30, додека при подолг престој на отворено, особено во летните месеци, подобар избор е SPF 50 со широк спектар на заштита од UVA и UVB-зраци.

Важно е кремот да се нанесува секое утро, како последен чекор од рутината за нега, пред шминкањето. За да се постигне декларираното ниво на заштита, неопходно е да се нанесе доволна количина производ. Исто така, при престој на сонце заштитата треба да се обновува на секои два часа, како и по капење, потење или бришење со пешкир.

Покрај употребата на SPF, заштитата од сонце подразбира и носење шешир со широк обод, очила за сонце со UV-заштита, лесна облека со долги ракави и избегнување на директно изложување на сонце во периодот кога UV-индексот е највисок, најчесто помеѓу 10 и 16 часот.



Д-р Анџелка Илиева

Особено внимание треба да посветат лицата со светол фототип, голем број бенки, позитивна семејна историја за рак на кожата, како и оние што во текот на животот имале повеќекратни изгореници од сонце. Кај овие лица се препорачуваат редовни дерматолошки прегледи и дермоскопска контрола на бенките, со цел навремено откривање на евентуални промени.

Негата на кожата не треба да биде мотивирана само од желбата за убав изглед. Здравата кожа е одраз на правилна превенција, континуирана грижа и одговорен однос кон сопственото здравје. Навиката секојдневно да користиме заштитен фактор е една од наједноставните, но и најефикасни мерки што можеме да ги преземеме за да ја зачуваме кожата здрава, млада и заштитена во текот на целиот живот.

Затоа, секој ден кога излегувате од дома, не заборавајте дека SPF не е само козметички производ – тој е дел од превентивната медицина и еден од најдобрите сојузници во зачувувањето на здравјето на кожата

Автор: д-р Анџелка Илиева, специјалист по дерматовенерологија, ПЗУ „Жан Митрев клиника“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот