X
 17.03.2019 Наша тема

Комуникациската револуција е клучна за успех, со 60 ученици ќе стартува Математичко-информатичката гимназија... што истражувавме неделава?

Со какви проблеми се соочуваат луѓето интолерантни на лактоза и како си помагаат преку фејсбук-група, како да се заработи преку онлајн-платформи и младите да не сакаат да си заминат од земјава, го запознавме гостиварецот Драган Алексоски, кој 20 години работи во една од водечките организации за регулирање на миграцијата на светско ниво – Интернационална организација за миграции.


Менаџерството е неговата прва љубов, уште кога почнал да организира детски забави на 15-годишна возраст. Професионалното искуство го градел во Скопје и во Охрид, па сè до Дубаи. Зоран Панчевски денес е успешен менаџер на хотел во Калитеа, Грција, и ги искористил сите придобивки на комуникациската технологија за да менаџира од дома, на оддалеченост од неколку стотици километри од работното место. Вели дека интернетот придонел тој од практичен да стане прагматичен и обратно, но пред сè му овозможил да стане успешен менаџер, а притоа работата да не му одзема од драгоценото време за семејството и за пријателите.


Зоран Панчевски

Неговите драми се поставувани на повеќе странски сцени. Текстот „На клупа“ на Трајче Кацаров периодов се игра во театар во Белград, а досега е поставен во Софија, Киев, Сремска Митровица. Друштвото на писателите на Македонија за неговата детска книга „Не паркирај гаража“ му ја додели наградата за најдобра детска книга „Ванчо Николески“.



Во рамките на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која Фондот за иновации и технолошки развој ја организира во соработка со порталот Факултети.мк, заменик-министерот за образование Петар Атанасов најави дека Математичко-информатичката гимназија ќе почне со работа од септември.
- Имаме еден сладок проблем. Во овие две недели се судрија двете групи на професори - математичарите и информатичарите за тоа каква да биде програмата. Колку проценти да имаме математика, колку информатика. Мислам дека сето тоа ќе го менаџираме и со оваа програма 60 талентирани деца од септември, со приемен испит, ќе се запишат во новата гимназија - изјави Атанасов.


Заменик-министерот за образование Петар Атанасов ја најави Математичко-информатичката гимназија

„Исхрана без лактоза“ е името на фејсбук-групата која им помага на луѓе интолерантни на лактоза.
- Откако утврдивме дека нашите девојчиња се интолерантни на лактоза, пронаоѓањето безлактозни производи ми одеше многу тешко. Сфатив дека е време сите паталци да се организираме на интернет и тогаш ја формирав групата. Целта беше да се соединиме и да си споделиме искуства и информации за производите без лактоза достапни на пазарот во земјава - раскажува Цветиновска.
Во групата се споделуваат искуства и совети, проверени информации, истражувања, факти за производи...


Намибија, Источен Тимор, Тајланд, Пакистан, Таџикистан, Австрија се земјите во кои живеел. А краткорочно, приватно и службено бил во Непал, Камбоџа, Мјанмар, Сингапур, Малезија, Индонезија, Етиопија, Јужна Африка, Сенегал, Шри Ланка, вкупно 54 држави досега. Драган Алексоски веќе 20 години работи во ИОМ – Интернационална организација за миграции, една од водечките организации за регулирање на миграцијата на светско ниво.
Од т.н. „бакет лист“(Bucket list) ја има комплетирано „Турата на седумте стани“ („Seven Stans Tour”). Под тоа се подразбира посета на сите држави што во своето име ја содржат наставката „стан“, а тоа се: Авганистан, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Но, во срцето му е родниот Гостивар, каде што секогаш се враќа во посета на пошироката фамилија.



На нашите читатели им ја претставивме и Лимба Веселиновиќ, која предава и обучува тренери преку онлајн-школи, како фриленсер има ангажмани на цела низа проекти, а истовремено и студира преку сериозна интернет-студиска програма. Комуникациската технологија и алатките што таа ги нуди ги користи и за личен и за професионален развој, работејќи од каде што ќе посака.


Лимба Веселиновиќ со сопругот

Наставници, родители и нивните талентирани ученици тропаат од врата на врата по институциите за да може да заминат на натпревар по математика, физика, хемија. Често не успеваат... Наставничка не знае како да се справи и што да го учи второодделенецот кој напамет множи два трицифрени броја и знае сѐ за галаксиите и настанокот на светот... Татко се расплака пред цела сала говорејќи за сите маки што ги поминал со неговиот надарен син. Ниту образовниот систем ниту државата му помогнала да сфати што се случува со неговото дете и какви потреби има...
Ова се само дел од примерите со кои надарените и талентирани деца се соочуваат секој ден, а беа раскажани на панел-дискусијата што ја организира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со порталот Факултети.мк на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема