X
 17.03.2023 Наука

Големите мајмуни намерно се вртат во круг за да добијат вртоглавица, велат истражувачите

Големите мајмуни намерно се вртат во круг за да добијат вртоглавица, велат истражувачите.

Таквото однесување би можело да понуди одговор на прашањето зошто луѓето развиле желба за менување на нивната ментална состојба, вели научник од Универзитетот во Ворвик. Тој додава дека ова ја зголемува можноста оваа особина да потекнува од нашите предци.

Научниците ги проучувале снимките од горилите, шимпанзата и орангутаните кои се вртеле во круг и дошле до овој заклучок.

- Ако навистина тоа е случајот, тогаш би имало огромни последици за тоа како размислуваме за современите човечки когнитивни капацитети и емоционални потреби - вели д-р Адријано Ламеира, вонреден професор по психологија на Универзитетот во Ворвик и еден од научниците што го воделе истражувањето.

Истражувачкиот тим проучувал вирално видео од машки горили како се вртат во базен и други онлајн снимки од мајмуни кои исто така се вртат. Анализата открила дека мајмуните се вртеле со просечна брзина од 1,5 вртеж во секунда. На многу снимки се гледа дека приматите користат јажиња за да се вртат, а токму со овие помагала се вртеле најдолго и најбрзо.

- Вртењето ја менува нашата состојба на свест, ја нарушува нашата реакција на телото и умот и координацијата, поради што се чувствуваме лошо, луцидно, па дури и еуфорично како во случајот кога децата си играат на вртелешки и рингишпили - вели д-р Ламеира. Тој додава дека ако сите големи мајмуни сакаат да добијат вртоглавица, тогаш голема е веројатноста и нашите предци да го правеле истото.

Приматите го прават ова намерно, како да станува збор за танц, а паралелата помеѓу однесувањето на луѓето и мајмуните е повеќе од случајна.

Кај мајмуните, по третиот круг се забележува вртоглавица, поради што веројатно губат рамнотежа и паѓаат.

- Ова би укажало дека приматите намерно продолжуваат да се вртат и покрај тоа што почнале да чувствуваат вртоглавица, сè додека повеќе не можат да ја одржат својата рамнотежа - вели д-р Маркус Перлман од Универзитетот во Бирмингем, еден од научниците што го воделе истражувањето.

Потребни се дополнителни истражувања за да се разбере мотивацијата на приматите за ваквото однесување.

- Може да има врска и со менталното здравје бидејќи приматите кои се однесуваа вака беа главно заробени поединци, па можеби им било досадно и се обидувале на некој начин да ги стимулираат сопствените сетила - вели д-р Ламеира, додавајќи дека тоа исто така може да биде однесување во текот на игра.



Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука