X
 17.05.2020 Живот

Дали би успеале како астронаут? Обидете се да го слетате „Кру драгон“ на Меѓународната вселенска станица

Секој што сонувал да стане астронаут во иднина ќе може да ја добие токму таа шанса. Секако, ако е подготвен да плати стотици илјади долари за кратко патување надвор од Земјата.

Но и оние што ја немаат таа сума „Спејс Екс“ ги става во улога на астронаут. Поточно, симулаторот што го објави „Спејс Екс“ нуди можност да играте во рамките на веб-прелистувачот и овозможува да го контролирате леталото „Кру драгон“ и да го слетате на Меѓународната вселенска станица.

ЛИНК ДО СИМУЛАТОРОТ

Звучи едноставно? Па и не баш. Потребно е да утврдите и да задржите добра траекторија што бара добра координација на очите и рацете.

Како што посочуваат од „Спејс Екс“, контролите во симулаторот се идентични со контролите во вистинското летало „Кру драгон“ и симулаторот на кој астронаутите се подготвуваат за лет во тоа летало.

Овој симулатор ќе ве запознае со вистинскиот контролен интерфејс што го користат астронаутите на НАСА при рачно управување на леталото „Спејс Екс драгон 2“ на пат до Меѓународната вселенска станица. Движењето во вселената е бавно и бара трпеливост и прецизност, пишува на почетокот на симулаторот.

Но, треба да се напомене дека вистинскиот „Кру драгон“ има можност за автономно слетување на Меѓународната вселенска станица, а астронаутите можат да преземат контрола доколку се појави потреба.

Инаку, вистинскиот „Кру драгон“ со екипаж треба да полета кон крајот на мај кон Меѓународната вселенска станица, а астронаутите што треба да бидат на овој лет деновиве беа ставени во карантин, за евентуално да не го пренесат коронавирусот во вселената.


Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот