X
 17.05.2026 Живот

Сами си поставуваат дијагноза, лошо комуницираат во живо... однесувањето на генерацијата З ги нервира милениумците

Припадниците на генерацијата З и милениумците се генерациски соседи, но понекогаш се чини како да живеат во сосема различни светови. Се разликуваат во начинот на комуникација, следењето на вестите, однесувањето на социјалните мрежи и во многу други нешта. Поради тоа, меѓу нив често доаѓа до ситни несогласувања. Милениумците открија кои навики на генерацијата З најмногу ги нервираат. Секако, не се однесуваат сите исто, но некои обрасци постојано се повторуваат.

Ја враќаат ужасната мода

-Ја враќаат исклучително проблематичната мода која ја закопавме во 2002 година - вели комичарката Кејси Балшам.

Додава и дека посебно ја погодило враќањето на долгите тексас-здолништа со шлиц напред. „Кога минатата година се вратија во продавниците, ми дојде да плачам. Грди се. Тешко е да гледаш како некој ги повторува твоите стари модни грешки.“

Сами си поставуваат дијагнози


Психијатарот д-р Џеси Голд вели дека ѝ се допаѓа што генерацијата З отворено зборува за менталното здравје и бара помош кога им е потребна. Но, предупредува дека таа отвореност има и друга страна. „Со лесно достапните информации доаѓа и до злоупотреба на поимите како ‘тригериран’ или ‘нарцисоиден’, како и до пораст на самодијагностицирањето“, објаснува таа.

Вели дека често ѝ доаѓаат луѓе убедени дека имаат некоја состојба затоа што гледале за тоа на Тик-ток. „Добро е што прашуваат и сакаат да дознаат повеќе, но понекогаш морам да објаснам дека не е секој проблем со концентрацијата веднаш АДХД.“

Полоши се во комуникација во живо

Политичката коментаторка Миленијал Миа смета дека генерацијата З често се мачи со основните општествени вештини и комуникацијата лице в лице.
„Тие пораснаа во дигитален свет и се гледа дека им е полесно да комуницираат онлајн отколку во живо. Изразот ‘поглед на генерацијата З’ не настанал без причина, вистински е“, вели таа.

Од траумите прават содржина

Креаторката на содржини Шони Бегли вели дека забележала како генерацијата З и стресните или трауматични моменти знае да ги претвори во смешно видео на „Тик-ток“. „И ние милениумците некогаш го правиме тоа, но тие го прават на баш посебен начин. Куќата би можела да им гори, а тие би објавиле: ‘Прв пожар во куќата, малку сум нервозен.’ Толку се лежерни што тоа ми е истовремено смешно, импресивно и стресно“, вели таа.

Д-р Голд вели дека социјалните мрежи кај многумина создаваат чувство дека мора да ја раскажат целата своја животна приказна за другите да ги доживеат како автентични. „Понекогаш тоа значи дека јавно ги исфрлаат траумите наместо прво да ги обработат приватно, на пример, со терапевт“, вели таа. Додава дека споделувањето лични приказни не е воопшто едноставно, особено кога се изложувате на критики и тролови.

Се информираат преку „Тик-ток“

Инфлуенсерката Грејви вели дека ѝ пречи што припадниците на генерацијата З често расправаат за теми за кои немаат реално искуство, а информациите ги собираат од забавна содржина. „Цитираат Тик-ток и Рилс, а не сфаќаат дека голем дел од тоа е само мамка за кликови и дека не е поткрепено со факти, ниту со истражувања“, вели таа.

Мислат дека сè им припаѓа

Креаторката на содржини Ерин С. вели дека цени колку на генерацијата З ѝ е важна рамнотежата меѓу приватниот и деловниот живот. „Милениумците ја отворија таа тема, но генерацијата З навистина ја живее. Јасно поставуваат граници“, вели таа. Сепак, додава дека таа самодоверба понекогаш може да изгледа како чувство дека сè им припаѓа. „Понекогаш се чини дека очекуваат флексибилност, напредување или награди без трудот кој го вложувале претходните генерации. Тоа е промена, не нужно лоша, но и тоа како е забележлива.“

Слично мислење има и инфлуенсерката Грејви. „Лесно е да ги обесхрабриш кога мора да работат нешто што лично не ги интересира. Често за сопствениот недостиг на вештини ги обвинуваат другите, наместо тоа да го прифатат како дел од процесот на учење. И сè сфаќаат лично. Тој став ‘зошто би се трудел ако немам корист од тоа’ навистина ме нервира.“

Објавуваат без многу размислување


Кејт Штајнберг, која работи на социјални мрежи, вели дека повеќе од враќањето на модата од 2000 г. ја нервира лежерноста со која генерацијата З објавува содржина. „Како милениумци, ние сме склони кон перфекционизам и претерано анализирање. Научив да бидам поспонтана, но искрено ѝ се восхитувам на таа нивна способност да објават што и да посакаат, кога и да посакаат“, вели таа.

Збунувачки комуницираат на работа


Како што генерацијата З сè повеќе влегува на пазарот на труд, се менува и начинот на комуникација во деловното опкружување. „Постои период на приспособување за сите“, вели Фаришта. „Начинот на кој комуницираат, или понекогаш не комуницираат, може да биде не само иритантен, туку и збунувачки за колегите.“

Премногу се на социјалните мрежи

„Нивниот однос со социјалните мрежи е… интензивен. А тоа го вели некој што е инфлуенсер“, вели Ерин С. 

Кејси Балшам на крајот вели дека на некој начин и ѝ е жал за генерацијата З. „Немаат поим каков беше животот пред социјалните мрежи, кога едноставно се живееше за себе и за моментот. Мислам дека ниту еден припадник на генерацијата З не бил на плажа, а да не објавил слика од своите колена. Ниту испил чаша вино, а да не ја фотографирал. Таа потреба за внимание е навистина стресна.“

Извор: бука
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот