X
 17.10.2019 Живот

„Кока-Кола“ ќе плати казна поради хомосексуална реклама во Унгарија

Компанијата „Кока-Кола“ ќе мора да плати казна од 1.500 евра во Унгарија поради ширење хомосексуална пропаганда и штетно влијание врз младите.

Ова е епилог од скандалот што во август доби национални размери, а за сè е виновна рекламната кампања со наслов #Love што „Кока-Кола“ ја лансира во текот на последното издание на музичкиот фестивал „Зигет“, што се одржува во Будимпешта.

Проблем било тоа што на десничарите и хомофобните фанатици не им се допаднало тоа што во кампањата главни актери, покрај хетеросексуалните, се хомосексуалните парови. Според мислењето на десничарите, блиски на владејачката партија, хомосексуалната љубов е нешто што лошо влијае врз младите.

Како спонзор на „Зигет“, чија овогодишна тема била „Љубовна револуција“, „Кока-Кола“ за фестивалот креирала кампања по слоганот „Zero sugar, zero prejudice“ (Нула шеќер, нула предрасуди). За жал, вредностите во кои веруваат десничарите не им дозволиле да прифатат толкава количина на љубов и толеранција.

Активистите блиски на претседателот на Унгарија, Виктор Орбан, и партијата „Фидес“ барале кампањата што промовира и фаворизира геј-љубов над хетеросексуалноста да се санкционира, адвокатот на „Фидес“, Иштван Балдог, повикал на бојкот на производите на „Кока-Кола“, а Организацијата за забрана на абортус на интернет-петицијата собрала околу 25.000 потписи за рекламата да биде отстранета од билбордите.

Инаку, владејачката структура во оваа земја веќе долго време промовира антихомосексуалност, користејќи се со класично десничарската аргументација: одбрана на семејните вредности.

По скандалот, „Кока-Кола“ не сакала да потклекне, инсистирајќи на вредности на еднаквост и различност. Во соопштение за јавноста од компанијата наведоа:

- Секогаш сме се стремеле кон различност, инклузија и еднаквост во нашиот бизнис, а овие права ги поддржуваме и во општеството. Како долгогодишни поборници за правата на ЛГБТ-заедницата, сакавме да пренесеме порака дека сите имаат право да сакаат и да бидат сакани и дека чувството на љубов е идентично за сите.

Иако реториката на хомофобијата кај политичарите е изразена, а истополовите бракови не се дозволени, истражувањата покажуваат дека повеќе од 60 отсто од граѓаните на Унгарија се за еднакви прави. Меѓу нив се и посетителите на фестивалот „Зигет“, кои го искажале своето мислење во видеото подолу (заедно со младите од другите европски држави).

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот