X
 17.11.2023 Живот

Нацистичката расна „хигиена“: Најкомплетниот извештај за медицинските злосторства за време на Третиот Рајх

Евтаназија и стерилизација на хендикепирани, сурови експерименти врз луѓе се само дел од активностите на Третиот Рајх, пишува во најобемниот извештај штотуку објавен за медицинските злосторства на нацистите кои биле на власт од 1933 до 1945 година.

- Често изненадува колку во денешната медицинска заедница е ограничено знаењето за нацистичките злосторства во медицината, освен можеби нејасната претстава за експериментите на Јозеф Менгеле во Аушвиц - изјави Хервиг Чех од Медицинскиот универзитет во Виена.

Поради оваа причина, тој и неговите колеги пред три години му предложија на главниот уредник на стручното списание „Лансет“ да се формира комисија која ќе ги прошири знаењата од оваа област и ќе извлече лекции за иднината.

Сега комисијата успеа да претстави извештај заснован на 878 извори. Станува збор за најобемниот извештај за овие злосторства досега, објави „Лансет“, додавајќи дека документот го евидентира развојот на медицинските истражувања за време на нацистичката ера и прикажува индивидуални сторители и жртви.

Во извештајот детално се опишува како лекарите и здравствените работници помогнале во изготвувањето на таканаречените „задолжителни закони за стерилизација“ и биле активно вклучени во стерилизацијата на повеќе од 350.000 луѓе кои биле класифицирани како „генетски инфериорни“ според нацистичките расни закони.

Имало и такви што не ја преживеале процедурата, а многумина подоцна имале сериозни физички и психички проблеми.

Најмалку 230.000 луѓе со ментална, когнитивна и друга попреченост биле убиени во таканаречените програми за евтаназија во Германија и окупираните територии за време на Втората светска војна. Десетици илјади биле злоупотребени во експериментите во концентрационите логори.

Повеќето од сторителите и нивните помагачи не одговарале за овие злосторства по војната, или тоа било направено доцна. Нацистичките криминалци во медицинската професија не се исклучок - вклучувајќи го и Јозеф Менгеле, кој починал на 67-годишна возраст во Бразил и бил на слобода.

Нацистите ја користеле својата теорија за човечките раси и „расната хигиена“ како псевдонаучно оправдување за нивните злосторства.

Основата на ова била античката идеја за „евгеника“ за „подобрување на расата“, дополнета со повикување на теоријата на еволуција објавена од Британецот Чарлс Дарвин во средината на 19 век. Според неа, во процесот на природна селекција преживуваат само најсилните, додека другите исчезнуваат.

Идејата за „евгеника“ станала силна во Германија, од каде што креаторите на нејзината тогашна форма - лекарите Алфред Плоц и Фридрих Вилхелм Шалмаер, ја примениле Дарвиновата природна селекција во современото човечко општество.

Така, „евгеничарите“ сметале дека треба се поттикне репродукцијата на луѓе со наводно добар генетски материјал, а луѓето со наводно лоши гени да се спречат да имаат потомство. Во Германија и во некои други земји „евгениката“ преминала во „наука“ што била прифатлива за науката и медицината - и била причина за страшни страдања.

На почетокот на 20 век овие идеи најдоа особено плодна почва во Германија. Масовната невработеност однела милиони луѓе во мизерија, криминалот драстично се зголемил, болестите се ширеле, а смртноста била многу висока.

За оваа беда била обвинета „инфериорната биолошка супстанција“ врз основа на „евгениката“.

Според таа мрачна теорија, само драстични „евгенски мерки“ како присилна стерилизација или убивање луѓе „недостојни за живот“ би можеле да го запрат колапсот на општеството.

Од една страна, нацистите работеле на уништување на сите луѓе што „не вределе да живеат“, а на прво место биле Евреите, Ромите, Синтите, потоа хендикепираните, хомосексуалците и други.

Од друга страна, тие го поттикнале создавањето на таканаречените „чисти Аријци“. Во 1935 година нацистите го основале здружението „Лебенсборн“ (Извор на животот), така што жените и мажите со „нордиска крв“ и со „ариевски изглед“ (сини очи и руса коса, и добро обликуван череп и атлетска градба) требало да раѓаат деца кои би биле елита на господарите на светот.

- Нацистичките медицински злосторства се меѓу најекстремните и најдокументирани примери на медицинско соучесништво во кршењето на човековите права во историјата. Мораме да го проучуваме најлошото во историјата на човештвото за да препознаеме и да се соочиме со слични обрасци во сегашноста, со цел да го поттикнеме најдоброто - се наведува во извештајот.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот