X
 15.01.2018 Здравје

Најчести родителски грешки поради кои децата постојано се разболуваат


Детенце лежи со натажен израз
(Фото: Pixabay)


„Не допирај го тоа, падна на земја, сега е нечисто“, оваа реченица е многу позачестена во балканските земји отколку во западните, а во повеќето случаи стравот на родителите е сосема непотребен бидејќи тоа не може да го загрози здравјето на децата.

Всушност, добро е познато дека најдобар начин да се изгради имунитет кај децата е да им се дозволи контакт со повеќето потенцијални извори на зараза – со прашина, кал, песок, валкани раце... Чувањето на детето во речиси стерилно опкружување предизвикува намален имунитет!

„Денешните деца треба да се очеличат. Ние како мали одевме боси, родителите не нè преоблекуваа постојано, па дури ни кога бевме мокри, ниту ни ги миеја рацете кога ќе ги извалкавме. Западниот свет во однос на нас е многу полиберален по ова прашање“, истакнува педијатарот Дејан Јонев.

Родителите во Шведска, Данска или Исланд ги оставаат своите бебиња добро покриени надвор во количките, додека вее снег или врне дожд. Дури и кога се дома, за време на попладневниот одмор родителите ја изнесуваат количката надвор на балкон, за бебињата да не го пропуштат дневното челичење на остриот северен воздух. Зад оваа практика стои нивното уверување дека свежиот надворешен воздух ги прави децата поотпорни на вируси и настинки, а дека чувањето во затворен простор ја зголемува можноста за инфекции.

Овие се најчестите грешки на родителите што ги прават со намера да ги заштитат децата:

Претерано затоплување на децата

„Првата грешка што ја прават родителите е што ги презатоплуваат децата, затоа што сметаат дека тие се склони кон настинки. Тоа е целосно погрешно. Токму важи спротивното. Бебињата се пречувствителни на претерано загревање. Не треба дополнително да се покриваат и завиваат, не треба да им се ставаат капи и дополнителни чорапи, особено ако се дома, а собата каде што престојуваат не треба да е потопла од 22 степена. Во спротивно, може да дојде до оштетување на терморегулаторниот систем, поради што подоцна ќе бидат зиморливи и склони кон настинки.“

Не трчајте по секое зрнце прашина низ домот


Претерувањето во одржувањето на хигиената може да доведе до нарушување на имунитетот на бебето и да предизвика алергии, астма и егземи. Се разбира, хигиенските услови во домот се неопходни, но тоа не значи и живеење во целосно стерилна околина. Современите средства за хигиена придонесоа за искоренување на многу болести, но ако се претерува со нивна примена, средината во која живее детето може да се претвори во тригер, а ќе настанат имунолошки нарушувања. Имено, секогаш кога детето ќе дојде во допир со некаква бактерија или вирус, неговиот имунолошки систем почнува да произведува антитела кои следниот пат ќе го препознаат „натрапникот“ и ќе се пресметаат со него.

Дозволете им да играат во кал

Изгледа застрашувачки, но не само што децата ќе уживаат туку и ќе станат поотпорни.
Лекарите истакнуваат дека ја разбираат грижата на родителите кои се плашат да им дозволат на децата да ги допираат калта, инсектите, кората од дрвјата, растенијата и така да дојдат во допир со микроби, но сепак го препорачуваат тоа затоа што е природен дел од растењето кој резултира со јакнење на имунолошкиот систем.

Дружење со животни

Слободно дозволете им на децата да играат со животни. Не смеете постојано да ги отстранувате од нивна близина. Доколку кучето или некое друго домашно животно редовно се контролира кај ветеринар, нема потреба од никаква грижа, дури ни кога животното го лиже детето. Истражувањата покажале дека на овој начин се намалува ризикот од астма и алергии кај децата, а истовремено децата учат како да ги сакаат и да се грижат за животните.

Избегнувајте антибиотици

Антибиотиците треба да се избегнуваат кога е можно затоа што ги убиваат лошите, но и добрите бактерии. Прекумерната употреба на антибиотици може да доведе до појава на астма, алергија, дебелина, дијабетес и други заболувања. Ова исто така може да создаде отпорност на лошите бактерии на антибиотикот, со што негативно се влијае врз имунолошкиот систем на детето.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје