Научниците неодамна оживеаја микроскопски црви кои биле замрзнати 46.000 години во Сибир. Црвите се способни да ги „исклучат“ телата во несоодветни надворешни услови за да преживеат. Дали ова е возможно за луѓето?
Еден експерт за крионика посочува дека постојат разлики во замрзнувањето на луѓето и на животните, но развојот на технологијата би можел да овозможи оживување на замрзнати тела на луѓе за 50-70 години. Како што објаснува Валерија Удалова, главен извршен директор на руската компанија „Крио Рус“, најверојатно човечкото тело не би можело да се смени за да биде способно за „исклучување“ како она на црвите, па затоа би било полесно да се направи ново, вештачко тело.
Компанијата чува 94 замрзнати човечки тела во својата база во Москва. Хирурзите ја цедат крвта од телата пред да ги поврзат за циркулаторна машина која ги зачувува клетките и ткивата. Процедурата за замрзнување се препорачува да започне веднаш откако ќе настапи смртта. Телата се замрзнати на температура од -160 Целзиусови степени.
За овие тела да бидат оживеани, потребни се значајни напредоци во медицината и технологијата, а тоа може да се случи во следните 50-70 години, според Удалова. Засега, само мал број компании и организации работат на вакви технологии.
Но, доколку се успее во тоа, процесот би можел да биде „алтернатива на смртта“, според Жао Педро де Магалаес, португалски микробиолог.
- Пациентите со терминални болести, вклучувајќи и деца, може да одберат да бидат замрзнати додека не се најде лек - посочил Магалаес.
Извор:
New York Post
Насловна фотографија: Pixabay