X
 27.11.2021 Живот

Како Советскиот Сојуз се обидел да стане дел од НАТО?

Студената војна може да се опише на прилично едноставен начин: од една страна се наоѓала капиталистичка Америка со своите сојузници, од друга страна - социјалистичкиот Советски Сојуз со своите. И двете страни го барале правото на демократски епитет, секоја на свој начин. Која страна е подемократска, сепак, зависи од гледиштето.

Конфликтот започнал веднаш штом завршила Втората светска војна. Западните сојузници, во ослободителните земји на Западот, го вратиле претходниот политичко-економски систем усогласувајќи го со принципите што требало да ги формулираат Обединетите нации во 1948 година во Универзалната декларација за човекови права; на Исток, СССР го направил токму спротивното: вовел свој, социјалистички систем.

Чувствувајќи се загрозено и поради (реалната или замислената) надворешна закана на СССР и поради силните комунистички движења во нивните земји, западните сили го формирале НАТО во 1949 година, како организација која, за време на Студената војна, имала првенствено одбранбена функција (која подоцна се променила) и која постоела за да им олесни на членовите да се заштитат од потенцијална советска инвазија.

Може само да се шпекулира дали инвазијата некогаш била реална имајќи предвид дека НАТО бил формиран и СССР никогаш не пробал нешто слично; но веројатно во таа смисла нешто може да се заклучи од задушувањето на Унгарската револуција од 1956 година и враќањето на Чехословачка на „вистинскиот пат“ во 1968 година (сите воени инвазии).

2
Прага 1968 г. - демонстранти под државно знаме на Чехословачка маршираат покрај запален непријателски тенк за време на инвазијата на нивната земја од страна на другите членки на Варшавскиот пакт, предводени од Советскиот Сојуз.
Фото: Wikimedia Commons

Затоа, особено е интересен обидот на Советскиот Сојуз да се приклучи во НАТО-пактот. Ова се случило во 1954 година, по една година од смртта на Сталин и по две години од отфрлањето на Западот, на неговиот предлог за обединување, неутрализирање и демилитаризирање на Германија (во практика, сите сојузници да ги повлечат сите трупи од Германија, која не би смеела да има своја војска) без условување во однос на економската регулатива.

Барањето за членство во НАТО го поднел Вјачеслав Молотов, тогашен министер за надворешни работи, по неуспешните преговори што се одржале за време на Берлинската конференција во јануари-февруари 1954 година. Прво, Американците, Британците и Французите го отфрлиле повторениот, идентичен предлог во врска со Германија, плашејќи се дека таквата Германија може да биде вовлечена во советската сфера и да биде лукав маневар на Москва.

Тогаш Советите предложиле воспоставување Општ европски договор за колективна безбедност во Европа, како организација во која би можеле да се приклучат сите европски земји, без разлика на општествениот поредок, па дури и обединета Германија. Но, бидејќи договорот не би ја вклучувал Америка, Британија и Франција одбиле; тогаш Советите предложиле да се вклучи и Америка, но и тоа било одбиено.

Така, барањето на Молотов за членство во Северноатлантската алијанса бил последен обид и секако, вин-вин ситуација за СССР. Доколку НАТО се согласел, Москва ќе излезела од полуизолацијата и ќе ја спречела Западна Германија да стане членка, а би дошло и до деескалација на тензиите.

Доколку НАТО одбиел, Москва ќе го имала последниот доказ дека Западот е тој што претставува реална закана за светскиот мир. Истовремено, Москва се надевала дека ќе го посее семето на раздор меѓу западните сили, доколку дојдело до несогласување по ова прашање, што на крајот би можело да доведе до распаѓање на алијансата.

2
Вјачеслав Молотов, советски министер за надворешни работи, со неговиот француски колега Антоан Пајн, на прием на 12 ноември 1955 година.
Фото: Wikimedia Commons

Меѓутоа, членките на НАТО зазеле многу обединет став и го отфрлиле таквиот предлог, сметајќи го за целосно апсурден, нагласувајќи дека организацијата е формирана поради заканата од Советскиот Сојуз и дека нема причина за прием на Советскиот Сојуз. Го нарекле и пропаганден чин.

Освен тоа, на 9 мај 1955 година НАТО ја прифатила ремилитаризираната Западна Германија како полноправна членка, што предизвикало формирање на Варшавскиот пакт пет дена подоцна.

Интересно, кога СССР поднел барање за членство во НАТО, истото го направиле и Украина и Белорусија. Ова можеби е збунувачки, но двете советски републики зазеле „полунезависна“ позиција пред светот, па во 1945 година станале посебни членки на Обединетите нации, а подоцна и во многу други организации, што му одговарало на СССР за поголемо влијание.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот