X
 28.02.2018 Наука

Некогаш телефоните беа глупави, а луѓето паметни

телефони

Технолошкиот напредок на цивилизацијата, како и секој напредок во нејзината историја, е меч со две сечила. Имено, иако звучи лудо, напредокот секогаш се реализира со катастрофални последици. Во ерата на интернетот и паметните телефони уште позабележително е бесповратното уништување на старото, за сметка на новото.

Најновото истражување претставено на годишниот состанок на Здружението за радиологија на Северна Америка докажало дека зависноста од паметни телефони и интернет создава хемиска нерамнотежа во мозокот.

Податоците на истражувачкиот центар укажуваат дека 46 отсто од Американците веруваат дека не би можеле да живеат без своите паметни телефони. Иако овој став од Американците можеби е малку претеран, бројот на луѓе што стануваат зависници од електронските уреди дефинитивно е во пораст. Оправдано расте и загриженоста дека младите луѓе поминуваат повеќе време гледајќи во електронските „кутии“ отколку во интеракција со своите врсници. Исто така, се наметнува прашањето за ефектот врз мозокот и можните долгорочни последици.

За да се постигне подобар увид во зависноста од паметните телефони, истражувачкиот тим од Кореја користел магнетна резонанција. Мерењето на хемискиот состав на мозокот дава најдобар увид во неговото функционирање. Во истражувањето учествувале 19 доброволци, на просечна возраст од 15 години, кај кои била дијагностицирана зависноста од паметни телефони, и 19 лица што немале ваква дијагноза.

Истражувањето вклучило 12 од 19 малолетни зависници во когнитивно-бихевиорална терапија, што се применува кај зависници од видеоигри. За утврдување на зависноста, истражувачкиот тим користел неколку параметри. Колку паметните телефони влијаат врз дневната рутина, активноста во општествениот живот, несоницата, продуктивноста и чувството на корист во заедницата се само некои од нив. Лидерот на тимот изјави дека младите кај кои е забележана зависноста покажуваат знаци на зголемена анксиозност, депресија, гнев и несоница.

Снимките од магнетната резонанција на групата зависници и контролната група покажуваат дека нивото на гама-аминобутерна киселина, невротрансмитер што инхибира и ги забавува мозочните сигнали и глутамат глутамин, трансмитер кој ја зголемува електричната активност на невроните, значително се разликува кај овие две групи. Истражувањето покажало дека зависноста од паметните телефони ја зголемува секрецијата на гама-аминобутерна киселина, што е забележана кај пациенти кои страдаат од депресија и анксиозност.

Но најалармантно е дека е зголемено лачењето на трансмитери кои ги забавуваат мозочните сигнали одговорни за неможност за емоционална и когнитивна обработка. Тоа во превод значи дека паметните телефони создаваат генерација бесчувствителни зомбиња што чекорат на оваа планета. Толку од напредокот на цивилизацијата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука