X
 28.02.2018 Образование

Учат „Мајкрософт Ворд“ на табла зашто немаат компјутери

gana
Фото: Facebook

Наставникот по предметот информатичка и комуникациска технологија има креативен начин за своите ученици да ги научи нешто повеќе за „Мајкрософт Ворд“. Тој ги користи неговите уметнички способности за да им прикаже како изгледа „Мајкрософт Ворд“, со оглед на тоа што во нивното училиште нема компјутери.

По неговиот пост на „Фејсбук“, училиштето кое немало ресурси за купување компјутери доби понуди за донации на лаптопи.

Училиштето во рурална Гана, каде што работел Овура Квадво, не можело да си дозволи компјутер. Но Квадво сакал да им помогне на учениците да се запознаат со изгледот и функцијата на компјутерот, па одлучил тоа да им го овозможи со помош на визуелната уметност. Така тој почнал да црта совршена копија на празен „Мајкрософт Ворд“ документ на таблата.

Квадво се обидел да стави колку што може повеќе детали за прикажување на празен ворд-документ, што цела активност ја прави доста креативна и позитивна. Активноста исто така вклучува и објаснување за тоа што прави секој дел од документот, така што учениците навистина можат да разберат како ќе функционира.

„Ако учениците можат да видат како изгледа ’Ворд‘, ќе бидат подготвени кога ќе имаат можност да користат вистински компјутер“, вели Квадво.

3
Фото: Facebook

ИКТ е важно во образованието исто како математиката

Работата на наставникот е импресивна на техничко ниво, но исто така е ефикасен начин да им помогне на учениците да ги сфатат основите на „Мајкрософт Ворд“ и компјутерите воопшто. Во 21 век знаењето како да се користи технологијата е исто толку важно колку математиката, науката или историјата.

Но многу ученици во светот ги немаат ресурсите за редовен пристап и употреба на технологијата. Тоа е причината зошто Квадво сака да им овозможи на неговите ученици да научат нешто повеќе за „Мајкрософт Ворд“. „Го правам сето ова за да ги натерам моите ученици да сфатат што предавам. Барем да им дадам слика за она што ќе го видат кога ќе седнат на компјутер“, вели Квадво.

Фејсбук-постот на Квадво во кој тој предава ИКТ без компјутери се прошири низ цел интернет. Истовремено предизвика дискусија во Гана. Повеќето луѓе го фалат Квадво за неговата посветеност кон своите ученици и за импровизацијата. Меѓутоа, постои бес за тоа зошто тој стигнал да црта на таблата и зошто во 2018 година постојат училишта што немаат компјутер.

Квадво вели дека работите полека се подобруваат. „Владата е корисна и верувам во неа, таа се обидува да ги подобри условите за ИКТ за наставниците и за учениците. Потребна ни е добро опремена инфраструктура и помагала за учење, и влада на која образованието ѝ е во срцето“, вели тој.

Квадво веќе доби понуди за донации за лаптопи и проектори. Донациите се одлична вест за децата во училиштето. Квадво е благодарен за ваквата помош.

Неговите напори и посветеност се добар пример за наставниците во земјите во развој, како Гана. Понекогаш е потребна мала импровизација за пополнување на потребите што некогаш владите не можат да ги обезбедат. ИКТ е важен предмет за следната генерација да биде способна и да ја направи Гана добар конкурент на глобалниот пазар.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование