X
 21.08.2018 Забава

Иднината на гејмингот: секој ќе игра своја персонализирана видеоигра!



На пазарот постојат илјадници различни видеоигри, со различни тематики, различен жанр, создадени на различни платформи. Но, што би се случило кога секоја од тие игри би имала милиони различни функции, приспособени на секој играч поединечно?


Видеоигра и џојстик
(Фото: Pixabay)


Токму така би можела да изгледа иднината на индустријата за видеоигри. Имено, мултидисциплинарен тим истражувачи од Универзитетот „Ватерло“ идентификувале три базични категории на просечен играч на видеоигри кои во иднина би можеле да придонесат игрите да станат што поприспособливи и попривлечни за играчите.

Густаво Фортес Тондело и Ленарт Нацке го создале моделот BrainHex, кој го проценува секој играч поединечно низ три категории – колку играчот преферира акциски елементи, естетика и постигнување цел во играта. BrainHex го идентификува базичниот тип на играч – истражувач, авантурист, освојувач, социјализатор, преживеан, организатор или реализатор на цели.

„Ако подобро разбереме што сакаат луѓето во видеоигрите, можеме полесно да одредиме како да ги примениме тие елементи во ситуации кои не се поврзани со видеоигрите. Можеме да создадеме систем кој ќе биде попријатен за користење, а истовремено на луѓето ќе им помогне да се чувствуваат повклучени и помотивирани за постигнување одредени цели“, истакнал Тондело.

Тие во своето истражување се фокусирале на она што ги мотивира играчите да играат и што влијае да продолжат со играње одредена игра.

„Некои луѓе сакаат брзи игри преполни со ризик, додека на други поважен им е естетскиот елемент, како дизајнот или графиката. За некои најважен момент е добрата приказна. Ако можеме да изградиме систем кој ќе може да се приспособува и ќе се менува во зависност од индивидуалните разлики на играчите, тој систем би бил поинтерактивен и повозбудлив за користење“, додал Нацке.

Иако студијата била објавена во Меѓународното списание за интеракција меѓу луѓето и компјутерите, таа е само првиот чекор кон создавање персонализирани видеоигри.

Сепак, до финализирање на првата таква игра ќе треба да чекаме уште долго време. Пред сè, затоа што создавањето на таква игра ќе биде многукратно покомплексно од „класичните“ видеоигри што постојат денес.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава