X
 05.09.2019 Наша тема

Маја Џеповска, графичарка: „Ќе станам вистинска прчла со самостојна изложба“

Во „Монтажна галерија“ во Паркот на франкофонијата во Скопје, Џеповска ќе изложи дваесетина дела, а ќе преовладува малиот формат

„Градината“ е насловот на првата самостојна изложба од академската графичарка Маја Џеповска, која вечерва, во 20 часот, ќе биде отворена во „Монтажна галерија“ во Паркот на франкофонијата во Скопје. Таа ќе изложи дваесетина дела, а ќе преовладува малиот формат. Преку комбинираната техника од пенкало, маркер и акрил на картон, Џеповска ќе заокружи еден дел од нејзиното досегашно творештво. Изложбата е наменета за возрасна публика.


Маја Џеповска

Иако е ова нејзиното прво самостојно претставување, таа подолго време е присутна на нашата ликовна сцена. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2015 година. Учествувала на 9 групни изложби, а добитник е на наградата „Топ-10“, која ја доделува Саемот за уметност „Паратисима“ од Скопје. Од 2015 до 2017 година во својот свет на уметноста одржувала работилници за најмладите фантазери и сонувачи. Го истражува светот на муралите и досега има завршено десет. Во последните две години активно се занимава со илустрација и анимација за деца. Соработува со издавачи од Македонија, Финска, Кина, Јапонија и САД. Работела на повеќе детски анимирани филмови, сликовници и боенки. Во моментот работи на проектот „Светот на Биби“.



Изложбата ја организира Центарот за современи уметности - Скопје и е поддржана од Општина Центар. На Џеповска ѝ поставивме неколку куси прашања, на кои даде уште покуси одговори.

Откако се сеќавам на себе, цртам затоа што... патувам во Градината, тоа е мојот свет каде што може високо да се лета и вртоглаво да се паѓа.

Се запишав во средно уметничко затоа што... ги чкртав клупите во основно.

Продолжив на ФЛУ затоа што... се фатив на орото.

Избрав графика затоа што... ме фасцинира спојот помеѓу хемиски соединенија, традиционална уметност и занаетчиство.

Откако дипломирав, очекував да... станам искусна уметница.

Испадна дека... сум далеку од искусна, а камоли уметница...

За да отвориш самостојна изложба во Скопје, треба да... работиш, работиш, работиш, работиш, работиш, работиш...

Досега не сум изложувала самостојно затоа што... се оформував.

Мојата прва самостојна изложба ја нареков „Градината“ затоа што... тоа е мојот свет, повелете внатре. :)

Кога ќе ги види делата, очекувам од гледачот да... падне во несвест. ;)

По оваа изложба ќе... станам вистинска прчла со изложба.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема