X
 29.05.2025 Живот

GREEN CIRC ‘25 – Меѓународна сцена на иновации, одржливост и младешка визија

Во периодот од 22 до 25 април 2025 година, Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја организира и успешно ја реализира Втората конференција за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија – GREEN CIRC ‘25. По успехот од минатата година, конференцијата годинава доби меѓународен карактер и стана значаен академски собир кој обедини врвни научници, инженери и млади истражувачи од 14 земји.

Во време кога светот се соочува со сериозни еколошки предизвици и потреба од итно дејствување, GREEN CIRC ‘25 понуди платформа за дијалог, размена на идеи и интердисциплинарна соработка. Преку пленарни предавања, панел-дискусии, над 20 усни излагања и 40 постер-презентации беа претставени најновите научни достигнувања и иновативни решенија во областа на зеленото инженерство, ефикасното користење ресурси, ревалоризација на отпадот и интеграцијата на обновливи извори на енергија.



Особено значење имаа двете пленарни секции на конференцијата, кои привлекоа големо внимание од академската и стручната јавност. Во првата секција своите визионерски согледувања ги споделија д-р Васант Кумар од Универзитетот „Кембриџ“, Велика Британија, со предавање за улогата на напредните технологии во одржливата трансформација на индустријата, и д-р Александар Караманов од Бугарската академија на науки - Софија, кој говореше за иновативни пристапи во третманот и рециклирањето на индустрискиот отпад. Нивните настапи не само што ја поттикнаа научната дебата, туку и ги истакнаа потенцијалите за практична примена на истражувањата во индустрискиот сектор.

Втората пленарна сесија беше еднакво значајна, со учество на д-р Михаела Гиртан од Франција, која се осврна на својствата на новите и перспективни соларни ќелии, и д-р Флоријан Кретчмер од Виена, Австрија, кој ги презентираше најновите истражувања за отпадните води како вреден ресурс за добивање енергија и екстракција на корисни материи во насока на одржлива и циркуларна економија. Овие предавања понудија длабок увид во предизвиците и можностите што ги носи зелениот технолошки развој во европски и глобален контекст.



Во своето воведно обраќање, деканот проф. д-р Стефан Кувенџиев ја нагласи улогата на високото образование како двигател на иновациите и одржливиот развој, потенцирајќи го значењето на академско-индустриската соработка за забрзување на транзицијата кон циркуларна економија.

Оваа конференција не само што ги зајакна постојните академски и експертски партнерства, туку и ја потврди стратешката ориентација на Факултетот кон позиционирање како регионален центар за напредни истражувања во областа на одржливите технологии.



Врвот на конференцијата беше одбележан на 25 април, кога факултетот се претвори во сцена на ентузијазам, креативност и визија за подобра иднина. Последниот ден беше посветен на младите, вистинските двигатели на промената, преку иновативниот хакатон под мотото „Зелени идеи за ревалоризација на био- и индустриски отпад“.

Десет тима од Македонија и Србија се натпреваруваа со оригинални решенија, презентирајќи пред стручно жири составено од експерти од индустријата, академијата и спонзори. Атмосферата беше исполнета со енергија и натпреварувачки дух, каде што секоја идеја претставуваше сведоштво за тоа како младешкиот ентузијазам, креативноста и науката можат да создадат одржливи решенија за иднината.



Првото место го освоија Сара Георгиева и Стефан Голубов од Кочани со проектот GREEN GUAR, кој нуди иновативен изолационен материјал базиран на оризов биоотпад. Второто место им припадна на Деспина Иванова и Павел Трпковски од Скопје за проектот Myceenix, додека третото место го поделија Викторија Фернандез од ТМФ и Марија Тасиќ од Универзитетот во Ниш со нивните решенија за одржливи прехранбени производи.

Паричните награди од 500, 300 и 200 евра ги обезбеди компанијата МАКСТИЛ, што како чин на поддршка претставува јасен пример за тоа како индустријата може активно да придонесе во поттикнување одржлив развој преку вложување во младите и нивните идеи. Најдобрите тимови добија ексклузивен ручек со менаџерскиот тим на ТИТАН-УСЈЕ, отворајќи им нови хоризонти за вклучување во индустријата. Благодарение на поддршката од М6 Едукативен центар, сите учесници на хакатонот добија и платена обука во вредност од 200 евра, што претставува дополнителен поттик за понатамошен развој на нивните идеи.

GREEN CIRC ‘25 не беше само конференција – таа беше олицетворение на колективна визија, инспирација и верба во моќта на знаењето. Од неа започнува патека што води напред – кон иновации, одржливост и свет во кој младешкиот дух и научната мисла создаваат промени што навистина значат.



(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот