Во организација на Фондација КАНТАРОТ овој петок и сабота (18 и 19 октомври) во Меѓународното училиште НОВА ќе се одржи третата конференција „Наука за деца“. Целта на конференцијата е популаризација на науката кај децата и подигање на интересот за истражување на научните концепти.
Оваа година мотото на конференцијата е „Надгради ја твојата реалност“ и за првпат таа ќе биде поделена во два дена.
Конференцијата ќе започне со свечено отворање во петок вечер, во 19 часот. Потоа ќе следуваат пет кратки предавања од децата финалисти на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Секое од овие предавања е под менторство на врвен македонски научник што работи во странство, со што ќе се истакне и разновидноста на научниот талент од Македонија.
Вечерта ќе продолжи со предавање на Проф. Бас Рокерс (NYU Abu Dhabi) за виртуелната реалност и нејзиниот потенцијал да го трансформира начинот на кој децата учат и истражуваат, а ќе заврши со доделување на овогодишните награди за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“.
Вториот ден, на 19 октомври, ќе се одржи изложбата „Parlez-vous fran-sci?“ во соработка со Францускиот институт во Скопје, а ќе бидат организирани и три научни работилници за ученици на возраст од 10 до 15 години. За време на работилниците децата ќе истражат еден научен концепт во виртуелна реалност, пред да имаат практична демонстрација на тема електромотори, капиларна активност или француска наука. Работилниците ќе траат од 10:30 до 14:30 часот.
Конференцијата и оваа година е финансирана од С(ц)иеста заедницата, која ја сочинуваат над 300 научници родени во Македонија, а комуникациски партнер е Групацијата Публицис.
(Комерцијална објава)