X
 04.05.2020 Здравје

Што кажуваат профилите на пациентите со коронавирус во Њујорк за социјалната нееднаквост

На почетокот од април, кога пандемијата на коронавирусот земаше замав во САД, некои набљудувачи мислеа дека ќе дејствува како еден вид израмнувач. Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, дури и го нарече вирусот „големиот израмнувач“ бидејќи не му е гајле кој сте.

Тоа брзо се докажа како пуста желба... во најдобар случај. Всушност, ако вирусот направи нешто за нееднаквоста, тоа беше што ја истакна. На пример, оние со помалку привилегии имаат помалку шанси да практикуваат социјално дистанцирање. Но, неповолностите се поголеми.

Студија објавена на 22 април во Списанието на Американската медицинска асоцијација разгледува профили на 5.700 пациенти хоспитализирани со Ковид-19 во градот Њујорк. Иако ова е лимитирана студија направена во еден град, нуди важен увид.

Според извештајот, речиси 65 отсто од оние што биле примени биле осигурани преку „Медикер“ (која обезбедува здравствено осигурување за Американците што имаат 65 или повеќе години) или „Медикејд“ (програма која помага со медицинските трошоци за некои луѓе со ограничен приход и ресурси). Повеќе од 40 отсто биле медикер-пациенти, односно пациенти постари од 65 години и кај кои има поголем ризик за сериозни инфекции, додека повеќе од 20 отсто биле осигурани со „Медикејд“.

Мапа објавена од страна на градот добро ја сумира целата состојба - областите со најмногу заболени од Ковид-19 се приближно онаму каде што приходите се пониски и малцинското население е поголемо, или двете.

Фото: Quartz

Друг аспект кој се открива за хоспитализираните - нивните медицински состојби. Само околу 6 отсто немале друга медицинска состојба, а 6 отсто имале една, додека високи 88 отсто имале повеќе од една.

Сафија Ричардсон, еден од авторите на студијата, истакнува дека студијата е јасно лимитирана во однос на досегот и, на пример, не истражува уште колку луѓе со одредени состојби е веројатно да се заразат со вирусот или да имаат сериозни компликации.

- За нас ова беше шанса да им дадеме претстава на читателите како изгледаат пациентите со коронавирус и кои се најчестите коморбидитети: хипертензија, дијабетес, дебелина - истакнува таа.

Хипертензијата, односно високиот крвен притисок, била најчеста состојба кај пациентите, погаѓајќи 56,5%, а потоа следувале дебелината (41,7%) и дијабетесот (33,8%). Тоа се токму оние видови хронични состојби што несразмерно ги погаѓаат луѓето со помали приходи.

- Утврдено е дека здравјето е зависно од социо-економските фактори - истакнува Габриела Оутс, професорка на Медицинската школа во Универзитетот во Бирмингем, Алабама.

Таа ги истражува ефектите на социјалните детерминанти врз здравјето и вели дека корелацијата меѓу тие фактори и здравјето е особено силна во случајот на хроничните болести.

Според неа, генските предиспозиции не се единственото нешто што е важно во однос на тоа дали некој може да развие хронична болест. Важни се и приходите, нивото на образование, професијата, условите на живеење и други социо-економски фактори кои играат несразмерна улога во здравјето, заедно со факторите на однесувањето. Оние неповолните однесувања, како што се пушењето или јадењето помалку овошје и зеленчук отколку што се препорачува, или водење неактивен живот, се многу зависни од позицијата на човекот во општеството.

- Иако има елемент на избор, овие однесувања во голема мера се социјално одредени. За нив се потребни време, пари и едукација. Потребни се ресурси за да бидете здрави - вели Оутс.

Извор: Quartz
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје