X
 18.01.2019 Култура

Дејвид Боуви прогласен за најдобар изведувач на 20. век

Британците преку јавно гласање на Би-би-си го прогласија легендарниот пејач Дејвид Боуви за најдобар изведувач на 20. век. Тој почина на 10 јануари 2016, по битка со ракот.

Боуви е најпознат по хитовите „Space Oddity“, „Life On Mars“, „Heroes“, „Changes“, „Five Years“ и „All The Young Dudes“. А пак, неговата смрт беше инспирација за неговата „лебедова песна“ – посмртниот, 25-ти албум под наслов „Black Star”, кој како изненадување беше објавен на 71. роденден, два дена по неговата смрт.

Гласањето се однесуваше на постигнувањата на најважните и највлијателни личности на 20. век во седум различни полиња на човековите заложби. Како победник во едно од нив, Боуви ќе се најде и на финалното гласање што ќе се пренесува во живо на 5 февруари.

Во навраќањето на неговиот живот, Би-би-си го оцени пејачот како „константен музички иноватор кој честопати ставајќи се себе во најразлични улоги и ликови, никогаш не се плашеше да воведе нови звуци“.

– Ликовите што тој ги создаде, од Зиги Стардаст до Тенкиот бел војвода, му дозволија да навлезе во нови звучни полиња. И Боуви секогаш ги бираше најдобрите соработници за да го постигне зацртаното. За разлика од многу други музичари, тој остана постојан низ целата своја кариера - соопшти Би-би-си.

Боуви во својата категорија ги победи Кетлин Тарнер, Чарли Чаплин, Мерилин Монро и Били Холидеј.

– Дејвид Боуви ја подигна „креативната летвичка“ за сите забавувачи и токму затоа тој целосно заслужи да биде крунисан за врвна икона на 20. век - изјави неговата „соперничка“ Тарнер.

И Мадона на  „Фејсбук“ ја поздрави неговата „круна“, осврнувајќи се на вредноста на неговите погледи околу тоа – да се биде свој. Го смени мојот животен пат засекогаш. Вистински гениј!, напиша таа.

Во другите категории, Алан Туринг е прогласен за научник на 20. век, Ернест Шаклтон е најдобар истражувач, а Нелсон Мендела победи во категоријата лидери.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура