X
 17.08.2021 Образование

Царовска: 500 образовни асистенти од септември ќе ги поддржуваат учениците со попреченост во редовната настава

Од први септември во образовниот систем за првпат од страна на државата ќе бидат ангажирани 500 образовни асистенти што ќе обезбедат поддршка за учениците со попреченост вклучени во редовната настава. Спроведуваме ново системско решение – „образовна асистенција“ за градење на инклузивна клима во училниците, која подразбира еднакво право на образование за секое дете, истакна денеска министерката за образование и наука Мила Царовска по обука наменета за образовните асистенти.

-Верувам во капацитетите и квалитетите на новите стручни соработници кои во новата учебна година ќе им помагаат на наставниците и на инклузивните тимови во работата со учениците со попреченост, но и ќе работат со сите останати деца во училниците заради подигнување на свеста и прифаќањето на оние кои имаат посебни образовни потреби. Ова е најдобриот начин за да ја подигнеме инклузивноста на образовниот систем и да обезбедиме еднакви образовни можности за сите ученици - рече Царовска.



Царовска додаде дека на обуките за образовните асистенти кои ќе се интензивираат во следните неколку денови, тие ќе добијат подетални насоки околу начинот на кој треба да постапуваат и околу тековните обврски што ќе бидат дел од описот на нивното работно место. По завршувањето на обуките за образовните асистенти, Царовска најави дека и наставниците од училиштата каде што има запишани ученици со попреченост ќе поминат обука за инклузивно образование. Министерката информираше дека во моментов во тек се и обуки за инклузивните тимови во училиштата кои ги спроведуваат партнерски организации од граѓанскиот сектор со финансиска поддршка од ЕУ.



Образовните асистенти се вработени во петте основни училишта со ресурсен центар и тоа по 130 во „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, додека по 80 во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес“. За ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59 милиони денари, а дополнително основните училишта со ресурсни центри добија 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование, соопштуваат од МОН. 



-Во меѓувреме, за унапредување на инклузивноста на образовниот систем, согласно новата Концепција за основно образование сите нови учебници кои ќе се изработуваат етапно во следните 5 години, а почнувајќи со оние за прво и четврто одделение, чија изработка е речиси при крај, ќе бидат адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно ќе бидат печатени на Брајова азбука, како и достапни во аудио формат - стои во соопштението.

Фотографии: МОН

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование