X
 18.03.2023 Култура

Фасцинантни факти за браќата Грим

Веројатно сте запознаени со Заспаната убавица, Пепелашка, Снежана, Златокоса и безброј други ликови од бајките, но многу луѓе не се запознаени со потеклото на популарните верзии на овие приказни.

Јакоб и Вилхелм Грим, кои почесто се нарекуваат едноставно „Браќата Грим“, биле двајца браќа родени во Германија, кои живееле и работеле во 19 век, како автори и собирачи на фолклор. Тие се заслужни за популаризацијата на повеќе од 200 наши најомилени бајки. 

Еве што треба да знаете за нив:

1. Како и многу ликови од нивните приказни, и браќата Грим биле многу сиромашни, а подоцна станале прилично богати

Јакоб и Вилхелм Грим се родени во 1785 и 1786 година во Германија, во семејството на Филип и Доротеа Грим. Иако тие биле две од деветте деца (од кои само шест преживеале), ги поминале првите неколку години од својот живот во релативна удобност - живеејќи во голем дом на село и биле школувани дома од приватни тутори.

Но, како што пишува Џек Зипс во книгата „Браќата Грим: Од маѓепсани шуми до модерниот свет“, сè се променило кога нивниот татко починал во 1796 година, а семејството паднало во сиромаштија. Двете млади момчиња биле принудени брзо да пораснат, а нивниот нов, понизок социјален статус бил зацементиран веднаш штом го започнале своето јавно школување, со што се чувствувала големата класна поделба меѓу нив и нивните побогати врсници.

Оваа разлика се зголемила кога момчињата аплицирале за универзитет: додека студентите со повисока социјална положба биле автоматски примени на факултет, браќата Грим биле дисквалификувани поради нивниот низок статус, па морале да бараат специјално изземање за да се запишат. Но, браќата го прифатиле овој статус на „аутсајдери“ и целосно се посветиле на студиите; биле вредни и на крајот станале познати.

2. Браќата Грим студирале право

Како и нивниот татко, кој бил државен службеник, Јакоб и Вилхелм студирале право со намера да станат државни службеници. Но, на крајот браќата почнале да веруваат дека јазикот, наместо законот, е крајната врска што го обединува германскиот народ, па затоа почнале да ја проучуваат старата германска литература. Почнале да собираат текстови и си поставиле нова цел - да станат библиотекари и проучувачи на приказните што толку многу ги сакале.

3. Над 50 приказни на браќата биле речиси изгубени низ историјата

Според Зипс, браќата почнале систематски да собираат народни приказни во 1807 година - но тоа не било за нивен проект. Претходната година писателот Клеменс Брентано побарал помош од нив додека ја подготвувал својата збирка народни приказни за објавување.

Браќата почнале да собираат усни приказни со помош на пријатели и познајници или од стари книги и документи од нивната сопствена библиотека. Од 1807 до 1810 година тие собрале, препишале и организирале вкупно 49 приказни за да ги испратат до Брентано.

Во одреден момент Брентано или ги заборавил или ги оставил своите копии во црква во Алзас. До 1920 година не се знаело каде се приказните. Овие приказни станале познати како ракопис на Оленберг и се верува дека се најстарите преживеани записи од работата на браќата Грим.

За среќа, браќата направиле копии од она што го работеле за Брентано, па така го објавиле првото издание на „Бајките на Грим“ во 1812 година.

4. Браќата биле членови на група политички активисти кои станале познати како Седумте од Гетинген

Браќата седум години работеле на Универзитетот во Гетинген како професори и библиотекари пред да бидат отпуштени во 1837 година поради протести против новиот крал Ернест Август од Хановер. Покрај тоа што го поништил Уставот на земјата за да ги исполни неговите лични каприци, кралот побарал од државните службеници - вклучително и професорите - да потпишат заклетва за лојалност кон него. Браќата и уште петмина други мажи на универзитетот кои отворено се спротивставувале биле отпуштени и станале познати како „Седумте од Гетинген“. Овој храбар став успеал да го насочи вниманието на јавноста кон тиранијата на кралот, а седумтемина наскоро станале многу популарни во Германија и во остатокот од Европа.

braka
Фото: Wikipedia

5. Иако се поврзани со многу од модерните форми на приказните што ги знаеме денес, браќата не ги измислиле овие приказни

Тешко е да се пронајде точното потекло на која било народна приказна - повеќето се пренесувале усно низ генерациите и, како расипан телефон, работите сигурно биле погрешно слушнати или некои делови биле испуштени. Повеќето верзии на бајките што ги знаеме денес се мешавина од различни приказни, иако општата тема останува иста.

Земете ја Пепелашка за пример: Според „Нешнл џиографик“, верзии на приказната може да се најдат насекаде, од древниот Египет до античка Кина, со детали за материјалот на нејзините влечки и храната што се претвора во нејзината кочија  (во египетската верзија има влечки направени од црвена кожа наместо од стакло, додека во древната кинеска верзија тие се направени од злато).

6. Нивните приказни првично не биле наменети за деца

Она што станало една од најпознатите збирки на детски приказни започнало како проучување на германската усна традиција. Браќата Грим верувале дека приказните што се пренесуваат од генерација на генерација се важен дел од германската култура.

- Колку повеќе собирале, толку повеќе станувале посветени на откривањето на „природната поезија“ (Naturpoesie) на германскиот народ, и целото нивно истражување било насочено кон истражување на еповите, сагите и приказните што го содржеле она што тие мислеле дека се суштински вистини за германското културно наследство - пишува Зипс во „Оригиналните народни приказни и бајките на браќата Грим“, првиот превод на англиски јазик на оригиналната верзија на приказните на Грим.

- Во основата на нивната работа бил изразен романтичен нагон за ископување и зачувување на германските културни придонеси направени од обичните луѓе пред да изумрат приказните - додава тој.

7. Приказните требало да уредат за да бидат попријателски кон децата

Разбирливо е дека родителите би очекувале книгата со раскази наречена „Детски и домашни приказни“ да биде семејно четиво, но првото издание на збирката на браќата не било баш такво. Имало поплаки дека приказните се премногу темни за децата, а некои од попуританските читатели се жалеле поради недостигот на отворени христијански теми. Така, браќата ги уредувале приказните, објавувајќи повеќе од десетина изданија: Невенчаната Златокоса не забремени; Полусестрите на Пепелашка не отсекуваа делови од сопствените стапала додека се обидуваа да го обујат чевелот, а мајката-убиец на Снежана била сменета во нејзина маќеа.

8. Браќата ги промениле своите приказни за да промовираат посилно чувство за германски национализам, што довело до тоа нацистите подоцна да ги користат за промовирање на сопствената агенда

Семејството Грим живеело во нестабилното време на Наполеоновите војни, па сакало да го зајакне чувството на патриотизам во скршеното царство од германско говорно подрачје. Така, тие промениле некои од приказните така што изгледале дека се повеќе германски отколку што всушност биле - на пример, приказната првично позната како „Малиот брат и малата сестра“ била преименувана со две германски имиња: „Хансел и Гретел“. Можеби не е изненадувачки, но по повеќе од еден век нацистите почнале да го толкуваат национализмот како „аријанизам“, а на Хитлер толку многу му се допаднала збирката на Грим, што наредил да се учи во секое германско училиште.

Извор: Mental Floss
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура