X
 18.04.2018 Живот

Правила на животот според Јордан Петерсон: „Кажувајте ја вистината - или барем не лажете“

Јордан Петерсон е канадски професор по клиничка психологија на Универзитетот во Торонто. Во текот на изминатите неколку години тој секна голема публика со своето предавање, достапно на „Јутјуб“, како и со неговите гостувања на разни телевизии.

Темите на неговите предавања се разновидни. Од една страна, најмногу го прославија острите критики на постмодернизмот и политичката коректност. Од друга страна, дава совети за тоа како младината да преземе одговорност врз својот живот и како да се справи со многу политички и културолошки промени. Моментално важи за најголемиот борец за правата за слобода на говорот во Канада.

На неговата работа, начинот на размислувањето и сфаќањето на светот најголемо влијание имале Достоевски и Карл Јунг. Објаснувајќи за човечкото однесување, Петерсон користи митови и религија, сметајќи дека тука се наоѓаат темелите на филозофијата на денешната западна култура.

Преку 20 години работел како психотерапевт и од искуството извлекол многу поуки. Така настанала и книгата „12 правила за живот“. Во книгата Јордан зборува за познатите проблеми, но на единствен и понекогаш ненамерно духовит начин.

12 правила за животот:

1. Стојте исправено и исправете ги рамената

Кога стоиме исправено и ни се исправени рамената - лачиме поголема количина серотонин, што директно влијае врз нашата одлучност и доследност при постигнување на нашите цели.

Секако, поентата не е сосема едноставна колку и правилото и конкретниот пример. Поуката од ова поглавје секако е подлабока. Ако имате идол, личност како која сакате да бидете - однесувајте се како неа. Правете го она што ве прави посилни.

2. Однесувајте се кон себе како да сте личност за која се грижите

Ако некој ги знае нашите маани, грешки и глупости, тоа сме ние самите. Последицата од тоа знаење е потсвесно намалена грижа кон самите себе. Јордан Петерсон низ шега вели дека познава луѓе кои побрзо би купиле лек за своето куче отколку за себе.

Меѓутоа, тој вели дека подобрувањето на себеси не е само право, туку и обврска што може да има големо влијание, како врз поединците така и врз општеството.

Во текот на животот сите имаме огромни тешкотии. Со ова правило Јордан сака да ја додаде поуката од Библијата - Сакај ги грешниците, мрази го гревот.

3. Спријателете се со луѓе што ви го посакуваат најдоброто

Дали некогаш сте имале добра вест што сте ја споделиле со пријател, а како одговор не сте добиле ниту браво ниту супер, туку приказна за тоа како на тој пријател некогаш му се случило нешто добро? Или уште поапсурдно - како некогаш му се случило нешто добро на познајник на вашиот пријател.

Овој пријател не е добар пријател. Добрите пријатели го поддржуваат напредокот што води кон целта која се обидувате да ја постигнете. Поддржувањето на порокот и останатото самодеструктивно однесување е одлика на лошите пријатели кои со својот нихилизам или неуспех сакаат да ги повлечат надолу и луѓето околу себе.

Заклучок: Добриот пријател е оној што искрено се радува на вашиот успех.

4. Споредете се себеси со вчерашната ваша верзија, а не со некој друг од денес

Во животот среќаваме неверојатен број луѓе и големи се шансите секој поединец да е подобар од нас во нешто. Споредувањето со другите луѓе не е продуктивно и води кон огорченост.

Треба да пронајдете идеал што ќе има улога на судија на нашите дела во животот. Секој ден треба да се запрашаме: „Што можам да направам денес со што ќе станам подобар отколку што бев вчера?“

Вашиот живот е на илјада начини поинаков од кој било друг живот. Ако сакате да бидете богати, не трудете се да станете Бил Гејтс, туку замислете се себеси богати и имајте ја таа цел во животот.

Јордан советува дека целта треба да се подели на повеќе помали цели, така што ќе можете да ги постигнете релативно лесно, а сепак да бидат доволно големи да го овозможат потребното задоволство. Како детето што почнува со лазењето, па еден-два чекора, па потоа почнува да оди нормално.

5. Не дозволувајте им на децата да прават нешто што ќе ве натера да не ви се допаѓаат

Овој совет за родителите звучи пoчудно отколку што е. Јордан Петерсон смета дека е наивно да се каже: „Не може да се случи да не ми се допаѓа моето дете“.

Она што е паметно да се направи е да го научите детето да се однесува пристојно и да привлекува внимание на добар начин. Таквиот начин на социјализација ќе му отвори многу врати во животот и секако позитивно ќе влијае врз развојот на неговата личност.

6. Средете си ја куќата пред да почнете да го критикувате светот

Јордан Петерсон смета дека префрлувањето на сопствената вина на колективната вина на општеството создава гнев кон светот и запирање на вистинскиот, личен напредок.

Поставете си темел, сопствена подлога на која ќе стоите. Во спротивно, некој друг ќе го направи тоа наместо вас. Напредокот до сопствените цели не е магија, тоа е унапредување на себеси.

7. Обидете се да се насочите кон нешто значајно (а не само корисно)


Кога некој ќе каже дека целта во неговиот живот е да биде среќен, благо кажано, авторот на оваа книга не се согласува со него. Тој смета дека ваквото размислување е фундаментално погрешно и го објаснува со музиката - веселата мелодија што ја слушате чекајќи на телефон или во лифт никако не може да биде подобра од трагичната соната на Бетовен. Затоа, барајте длабочина и значење, а не површинска среќа.

8. Кажувајте ја вистината - или барем не лажете

Сакате да бидете подобар човек? Започнете од претпоставките дека повеќето работи што ги зборувате не сте ги измислиле вие, ниту сте сигурни дека верувате во нив. Зборувајте ја вистината и набљудувајте како ќе почнете да се чувствувате посилно и постабилно. Повеќето луѓе свесно кажуваат лаги поради прост конформизам.

9. Претпоставете дека личноста со која разговарате знае нешто што вие не го знаете


Ова е јасно - најдобрата особина на еден интелектуалец не е сеопфатното образование, туку постојаната желба да учи. Јордан Петерсон го поставува прашањето: „Дали сакате да бидете во право или да научите нешто ново?“

Слушајте што зборуваат луѓето, немојте само да чекате да го искажете својот став. Радувајте се на конструктивната критика бидејќи не сакате да победите во дискусијата, туку сакате и да го решите и да го поправите проблемот.

10. Зборувајте прецизно

Идејата за слобода на говорот според Јордан има длабоко значење. За него и за многу мислители пред него, за да станеме свесни за нешто, тоа нешто мора да има име. Мора да има збор одреден за таа работа. Тогаш поимот излегува од хаосот и станува нешто јасно, колку и да е ужасно и страшно.

11. Не замарајте го детето што вози скирол

Уште едно поглавје посветено на родителите и генерално - возрасните. Јордан во една пригода малку посериозно ги набљудувал децата како возат скирол и бил избезумен од ризиците во кои  се наоѓале децата. Кога училиштето одлучило да постави скали со цел учениците да не можат да возат скирол, авторот на оваа книга се противел.

Мотивацијата за таква, малку смешна борба за еден професор на универзитет била интересна. Имено, тој тоа опасно однесување го гледал како спонтан процес на развивање на личноста на едно дете.

Забранувајќи им на децата одредена активност, го забавувате или целосно го спречувате нивниот развој и сосема сигурно ризикувате да ги претворите во плашливи и слаби личности.

12. Помогнете ѝ на мачката што ќе ја видите на улица

Без грижа, правилото важи и за љубителите на кучињата. Ако видите можност за пријатна интеракција - искористете ја. Покрај тоа, како што вели писателот, ова најемотивно поглавје зборува за маките на човечката душа и како да се изборите со трагедиите за умот, како што е депресијата.

Големите и длабоките проблеми не треба да се решаваат наеднаш барајќи совршено решение што се враќа во состојба на мирот. Тоа просто не функционира така. Ако животните околности се груби и болни, тогаш не планирајте далеку во иднината, планирајте во рок од две минути. Тешките проблеми се решаваат со ситни чекори.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот