X
 18.05.2019 Образование

Правилникот и/или дискреционото право при изборот на наставно-научни звања


Повод за овој допис е неодамнешниот избор во наставно-научно звање коj се случи на УКИМ Скопје, Стоматолошки факултет. Да почнам според редот на случувањата за да се добие јасна претстава за тоа како може да се добие наставно-научно звање со почитување на Правилникот за избор во наставно-научни, научни и соработнички звања, документ кој го користат членките на УКИМ од една, и постоењето на добра лична релација на некои кандидати за избор во повисоки звања со членовите на рецензентските комисии, од друга страна.

На конкурсот објавен на 14.11 2018 година за избор на двајца наставници во сите наставно-научни звања се пријавиле тројца кандидати од Катедрата за детска и превентивна стоматологија. Формирана е тричлена рецензентска комисија, која строго почитувајќи го Правилникот за избор во наставно-научни, научни и соработнички звања, направила реално рангирање на сите тројца пријавени кандидати. Извештајот на рецензентската комисија потоа е објавен во Билтенот на УКИМ бр. 1188 од 15.3 2019 година. И, сето тоа дотука е сосема во ред, разбирливо испочитуван е гореспоменатиот Правилник, направено е бодирањето на кандидатите, што за волја на вистината, не е едноставна работа и бара нагласен ангажман од страна на членовите на рецензентската комисија. Но, во вториот дел од извештајот, поточно во заклучокот, комисијата го користи своето дискреционо право и му предлага на Наставно-научниот совет да избере двајца кандидати кои имаат помал број бодови од третиот, во случајов одбиен кандидат. Така, постапката е завршена, заклучокот на рецензентската комисија потоа оди на усвојување на седница на Наставно-научниот совет и со тоа се задоволени законските барања за избор.

Токму тука, оваа можност за користење на дискреционото право на рецензентската комисија, всушност, прави одредена дискредитација и девалвација на оние кандидати што се подобро рангирани (имаат повеќе бодови) во однос на оние пониско рангираните, а не добиваат позитивно мислење и предлог за избор, кој потоа се финализира на Наставно-научниот совет. Ако има кандидат со највисок број бодови согласно Правилникот (како што е во нашиов пример), па згора на тоа дури и бил прогласен од страна на УКИМ за научник на годината и не успеал да го мине филтерот и да ги задоволи критериумите на рецензентската комисија, тогаш се наметнува прашањето што е причината за таквиот тек, односно епилог на рецензијата.
Дали причината е објективна или е во прашање некое субјективно и нереално чувство на нетрпеливост, анимозитет или антипатија кон одбиениот кандидат? Сепак, во опишаниот случај станува збор за фаворизирање на одредени кандидати наспроти одбиениот, кој не успеал, за жал, да ги стекне симпатиите и довербата на членовите на рецензентската комисија, иако според Правилникот токму тој би требало да биде предложен за избор во сите наставно-научни звања. Дали во постапкава можеби е вплетен клиентелизмот, поим кој, за жал, сè повеќе е присутен во нашево секојдневие.

Инаку, клиентелизмот како поим не е нешто непознато, напротив, своите корени ги влече уште од античкиот Рим (таму бил познат со изреката quid-pro-quo). Тој во себе ги вклучува, односно се однесува на асиметричните релации помеѓу одредени групи луѓе. Клиентелизмот е дефиниран како сет од активности кои се базираат на принципот „земи таму, дај ваму”, според Р. Грахам. Нашиот народ тоа многу пластично го прикажува со изреката ако имаш вујко владика, лесно ќе станеш поп.

Но, да се осврнеме на нашава сторија и повторно да се навратиме на повеќепати споменатиот Правилник и да се запрашаме: чуму ни треба тој ако не го почитуваме и зошто воопшто се мачиме да го користиме како водич во извештаите на рецензентските комисии, за потоа да не го применуваме?
Следот на работите во ваквиот пристап се сведуваат на следново: во почетокот на рецензентските извештаи кандидатите се вреднуваат објективно, бидејќи Правилникот тоа задолжително го бара и овозможува, а потоа во извештајот доаѓа до израз некакво дискреционо право со кое се побиваат критериумите дадени во истиот тој Правилник. Ова дискреционо право честопати е директна причина за демотивација, дискредитација, па дури и омаловажување на оние вредните, упорните и посветените само на својата работа кандидати. Таквите кандидати очигледно не успеале да изнајдат начин како да ѝ се допаднат на рецензентската комисија, да ја придобијат нејзината благонаклоност, која конечно ќе им овозможи да добијат позитивно мислење за себе од истата и да стигнат до посакуваното и заслужено повисоко звање.

Дали ќе изнајдеме сила и дали воопшто постои желба конечно да се стави крај или најблаго кажано да се минимизираат сите тие изми (непотизам, клиентелизам, кариеризам) кои несомнено се општествено штетни појави.
Кои се последиците од ваквиот тек на случувањата, од ваквите и сличните на овој рецензентски извештаи? На таквите, главно млади и амбициозни кандидати, учесници во конкурсите за избор во повисоко звање, им преостанува во такво опкружување да го спакуваат личниот багаж и да побараат место каде што нечие дискреционо право е во втор план, а се ценат и вреднуваат вистинските вредности и квалитети. Дали пак ние, сме толку богато општество и дали имаме премногу стручен, вреден, самопрегорен и реално квалитетен кадар (кој се пробивал само и само со сопствениот интелектуален капацитет) да го препуштиме да замине. Можеби вреди да се размисли околу ова?

Проф. д-р Љубен Гугувчевски,
УКИМ-Скопје, Стоматолошки факултет

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование