Осаменоста е голем проблем на денешното време, а особено дојде до израз за време на пандемијата кога луѓето беа затворени во своите домови.
Но, и без разлика на тие две години, уште пред пандемијата осаменоста најмногу влијаеше врз постарите, особено пензионерите што живеат сами. Затоа, пред две години во Берлин започна проект против осаменоста, кој оттогаш се прошири во нови населби, а до следната година планирано е оваа услуга да функционира во рамките на целиот град.
Берлинската програма е наменета за лица постари од 70 години кои се изложени на најголем ризик од осаменост. Ова е возраст кога човек повеќе нема работни обврски и средби со колегите од работа, сопружниците им се починати, а социјалните врски и пријателства ретки. Пилот-проектот беше воведен во 2021 година, а оваа година е проширен на седум дополнителни населби. Градските власти најавија дека од 2024 година оваа услуга ќе биде достапна низ цел Берлин. Услугата ќе биде бесплатна за корисниците, а членовите на проектот веќе посетија повеќе од 350 постари граѓани уште за време на пилот-фазата.
Фото: Freepik
Првиот чекор во овој проект е испраќање писмо до постарите. Во писмото им се нуди помош и им се предлага посета. Доколку постарите лица се согласат, пристигнува обучен член на персоналот, главно луѓе од добротворни невладини организации како Црвен крст. Посетата и разговорот значат многу за осамените пензионери. На состанокот персоналот кажува за можностите за социјална интеракција во соседството, разговара со постарата личност за животот, ги слуша нејзините проблеми итн.
Во разговорите со постарите граѓани персоналот им кажува и за здравјето, грижата и можните активности, секако, во согласност со нивната возраст и здравствена состојба. Фокусот е да им се помогне на постарите луѓе да се поврзат со другите. Ова може да го подобри нивниот квалитет на живот и да спречи осаменоста да се претвори во депресија на долг рок. Реакциите на програмата се одлични, поради што таа се проширува.
Властите во Берлин веруваат дека на овој начин можат да отворат нови можности за старите лица и градот и да им покажат дека не се препуштени сами на себе.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik