Истражување за нарцисоидноста врз основа на проучување на веѓите и истражување за стравот од инсекти кај ентомолозите се дел од овогодишните научни трудови наградени со „Иг-Нобелова награда“.
Наместо да се одржи во живо, 30-тото доделување на алтернативната Нобелова награда, награда што организаторите ја опишуваат како почест кон научните постигнувања што нè засмејуваат, а потоа нè тераат да размислиме, се одржа онлајн поради пандемијата на Ковид-19.
Научници од Канада и од САД освоија награда од областа на психологијата за методот на откривање на нарцисоидноста врз основа на проучување на веѓите. Наградата за ентомологија ја доби американски научник кој докажа дека ентомолозите, инаку експерти за инсекти, се плашат од пајаци.
Женка од видот кинески алигатор, затворена во просторија исполнета со хелиум, почнала да испушта звуци како крава, а за тоа се заслужни научници од Австрија, Шведска, Јапонија, САД и од Швајцарија на кои им припадна наградата за акустика.
Организаторите на овие забавни награди ја искористија можноста да испратат политичка порака, па овогодишната награда за „медицина“ им ја доделија на лидерите на Бразил, Велика Британија, Индија, Мексико, Белорусија, САД, Турција, Русија и Туркменистан затоа што ја искористија пандемијата за да му испратат лекција на светот дека не одлучуваат научниците за животот и смртта, туку политичарите.
Лидерите на сите овие наведени земји ја минимизираа важноста на пандемијата.
Извор:
Hr.n1info.com
Фото: Pixabay