Грелин е хормон кој се лачи од клетките во желудникот и има повеќе функции, меѓу кои најважна е неговата функција да го регулира апетитот. Тој ја зголемува мотивацијата да се јаде, посебно да се јаде храна богата со шеќер и масти дури и тогаш кога човекот не е гладен. Затоа е познат и како хормон на гладот.
Но покрај тоа што го засилува чувството на глад, влијанието на грелинот се протега и на други области: влијае врз желбата за алкохол, влијае врз оцената на мирисите како пријатни или непријатни, ја регулира допаминенергичната (dopaminergic) функција во VTA (ventral tegmental area), помага да се ослободи окситоцинот, хормон кој го засилува чувството на благосостојба.
На тој начин, грелинот може да биде поврзан со награди што не се поврзани со храна, туку со социјални награди, каква што е интеракцијата со други лица.
Група истражувачи (психолог, физиолог, биохемичар и други од универзитетите во Норвешка и Шведска, предводени од професорката Фабиган, се заинтересирале токму за тоа: дали природните варијации на грелин во организмот влијаат врз обработувањето на осетот за допир во форма на милување (caressing touches), како една социјална награда.
Тимот извршил обемно експериментално истражување кое накратко ќе биде опишано.
Во истражувањето учествувале 60 субјекти, здрави лица (42 мажи и 17 жени и еден неопределен), на возраст од 18 до 55 години. Субјектите биле регрутирани преку летоци и социјалните мрежи. Критериуми за вклучување во истражувањето биле доволно познавање на норвешкиот јазик, нормален или коригиран вид и исполнување на безбедносните критериуми за fMRI.
Покрај тоа, избраните субјекти немале историја на нарушувања во исхраната, дијабетес, гастроинтестинални операции, не земале никакви лекови кои влијаат врз гастроинтестиналната функција. За женските субјекти се почитувале и други критериуми поради специфичностите на женското тело.
Како течело истражувањето
Истражувањето било индивидуално и за секој субјект траело два дена. Субјектите биле повикувани во лабораторија во два наврата, во посебни денови. Сите субјекти требало да се појават во лабораторијата во 15 часот по „пост“ од 6 часа. „Постот“ претпоставувал дека субјектите во текот на тие 6 часа не консумирале храна и повеќе од 1 л. вода. Самиот експеримент траел 4 до 5 часа.
Во истражувањето субјектите учествувале доброволно, но за учеството биле платени 150 евра.
Во првиот ден од истражувањето субјектите не само што имале пост од 6 часа, туку тие останувале без храна до крајот на сесијата, што значи субјектите биле со високи концентрации на грелин во текот на целата сесија.
Во вториот ден од истражувањето субјектите во текот на експериментот примиле оброк, а со цел да се смали концентрацијата на грелин. Оброкот се состоел од банана, 300 ml обезмастено млеко со вкус на малина, како и 300 ml чоколадно млеко (ваквиот оброк во психолошката литература се нарекува „течен оброк“), консумирани во соодветни фази од експериментот, а со цел стомакот на субјектите да биде полн и со намалена концентрација на грелин.
Ваквата постапка овозможила да се оценат ефектите од грелинот во природни услови, на индивидуално ниво, и тоа така што варирала концентрацијата на грелин и потоа можело да се констатира каква е осетливоста на допир кај субјектите со мала или со голема концентрација на грелин.
Со ваква постапка можело да се истражува, исто така, дали разликата во активацијата на мозокот во ROI (Region of interest), во сесиите со и без оброк, ќе биде поврзана со разлика во концентрацијата на грелинот во овие сесии.
Истражувачите поставиле голем број хипотези и потхипотези и во таа смисла собрале многу податоци, но во излагањето овде најмногу ќе се задржам на оние аспекти од истражувањето што се однесуваат на психолошките ефекти.
Субјектите давале процени за нивната субјективна телесна и чувствена состојба по оброкот, а субјектите што не примиле оброк, во иста временска точка.
Во сесијата без оброк на субјектите дополнително им бил презентиран мирис со цел да се оцени нивната способност да го идентификуваат мирисот на храната и да се зголеми чувството на глад и концентрацијата на грелин.
Субјектите биле ставени во скенер (3T Philips Ingenia MRI), при што десната потколеница била достапна за експерименталниот третман, а експериментаторот стоел до нив. Задачата на допир се состоела од четкање на десната потколеница на субјектите во траење од 15 секунди со четка од козја коса, широка 75 mm, секогаш од коленото кон стапалото. Имало низа од 15 обиди, со пет обиди за секоја од трите брзини на допир: многу бавно (0,3 cm/s), средно (3 cm/s) и брзо (30 cm/s). Стимулансите биле применети во должина од 10 cm. Сите експериментатори биле обучени за правилна примена на четкањето.
Бавното галење се смета за социјална награда затоа што се случува при социјални интеракции што се доживуваат како пријатни. Брзината на галењето помеѓу 3 и 10 см/с најдобро ги стимулира т.н. ЦТ тактилни нервни аференти (C-tactile (CT) nerve afferents) за кои се претпоставува дека трансмитираат емоционално релевантни допири во социјална поставеност. Во согласност со оваа претпоставка, ЦТ насочените допири активираат области во мозокот вклучени во социјално процесирање, како што се superior temporal gyrus и sulcus. Покрај тоа, се забележува и активирање на орбитофронталниот кортекс и nucleus accumbens.
Четкањето било водено од визуелен знак за предупредување преку монитор што бил видлив од внатрешноста на просторијата за скенирање и лизгачка лента што се движела со одредено темпо додека траело галењето. По секое испитување, субјектите ја оценувале субјективната пријатност и интензитетот на допирот со одговарање на прашањата: Како го доживеавте допирот? и Колку интензивно го доживеавте допирот?, при што процените биле во опсег од 0 (непријатни/неинтензивни) до 100 (пријатни/интензивни).
Субјектите со оброк давале оцени за субјективните телесни и афективни состојба по оброкот, а субјектите од сесијата без оброк во иста временска точка. Во сесијата без оброк, на субјектите, дополнително, им била презентирана сонда за мирис за да се процени нивната способност да идентификуваат мирис на храна и да го зголемат чувство на глад и концентрациите на грелин.
Кои се главните наоди од ова истражување?
Еден од главните наоди во ова истражување бил дека
пријатноста на допирот била повисока отколку пред оброкот, но исто така и активацијата на мозокот била повисока по оброкот.
Сите брзини на допир биле оценети како помалку пријатни кога испитаниците не јаделе. Ова може да биде затоа што на испитаниците им било одвлечено вниманието од интероцептивните чувства поврзани со глад, предизвикани од празен стомак. Претходните студии покажале дека состојбите со глад им го одвлекуваат вниманието на испитаниците од тековната задача.
Друго објаснување може да биде дека гладот е често придружен со непријатно субјективно чувство кај луѓето, што би можело да ја намали доживеаната пријатност на допирот. Навистина, учесниците пријавиле нешто поголемо негативно влијание без оброк отколку по оброк, но статистички, негативното влијание не било поврзано со активирањето на мозокот или пријатноста.
Откритието дека допирот е помалку пријатен кога субјектот е гладен е ново, но и важно сознание. Иако ефектот на пријатноста на допирот во експериментот бил мал, истражувачите сметаат дека во природна ситуација ефектот може да биде поинаков. Според ова сознание, кога се посакуваат допири од причини заради благосостојба, како на пример масажа за релаксација, ефектот ќе биде поголем по оброк отколку на празен стомак. Една практична последица од ова сознание е дека смалената пријатност на награди што не се поврзани со храна ја отежнува диетата за губење на тежина.
Нутриционата состојба на субјектите влијаела на активирањето на мозокот за време на допирот и на придружното субјективно искуство.
Активацијата на мозокот во десниот фронтален гирус и фронталниот operculum била повеќе изразена по јадењето отколку пред. Овој е еден спореден наод во истражувањето за кој истражувачите – како што истакнале - немале хипотеза, па овој значаен наод го оставиле за проучување во друга пригода.
Еден друг значаен наод е дека доживеаната пријатност од допирот не била поврзана со концентрацијата на грелин. Субјективните оцени на пријатност од допирот покажале крива во вид на превртена латинична буква У (ꓵ), при што средните допири се покажале најпријатни, на групно ниво. Од еден ваков графикон може да се заклучи дека ниски концентрации на грелин се поврзани со ниски чувства на пријатност на допир, но и дека високи концентрации на грелин, исто така, не се поврзани со многу пријатно чувство на допир. Значи, ЦТ насочените допири биле најмногу поврзани со пријатни чувства на допир. Дури и повеќе, анализата на целиот мозок и ROI анализите покажале дека средните допири се придружени со засилена мозочна активност на соматосензорната област, како и на областа на социјална когниција. Наспроти тоа, грелинот не бил поврзан со процените на пријатноста на допирот, за што истражувачите дале неколку објаснувања. Прво, наведуваат истражувачите, концентрациите на грелин можеби не биле доволно високи да предизвикаат мерлива промена на субјективното искуство кај испитаниците. Истражувачите се повикуваат на некои претходни студии кои покажале дека субјективното искуство може да зависи од дозата на грелинот. Систематска примена на големи дози на грелин предизвикувала избегнувачко однесување на субјектот место преферираното, додека понекогаш помали дози предизвикувале пријатни процени. Второ, истакнуваат истражувачите, можно е да се одиграат разни процеси помеѓу невралната активација како одговор на милувањето (галењето) и потоа давање позитивни процени за пријaтност: субјектите треба да го доведат искуството од допирот во нивната свест, да го споредат тоа искуство со предложената скала на процена, да определат каде на дадената сала ова искуство е најдобро проценето, да го подготват одговорот и да ја запомнат одлуката и конечно да го извршат моторниот одговор. Можно е ефектите на грелинот да се ограничени на раните фази во мозочното претставување, додека подоцнежните фази на одлучување и одговарање можат да бидат помалку сензитивни на влијанието на грелинот. Трето, бидејќи истражувачите забележале промени во субјективната пријатност поврзани со „постењето“, но не директно поврзани со концентрацијата на грелин, самиот грелин може не е доволен за промена на субјективното искуство.
Tимот не нашол едноставна поврзаност помеѓу концентрацијата на грелин во крвта на субјектите и оцените за пријатност на допир. Напротив, тимот дошол до друго интересно сознание: за време на допирот со галење дошло до големо намалување на грелинот по течниот оброк, а тоа било поврзано со активација на регионот на мозокот наречен десен медијален орбитофронтален кортекс (mOFC). Тимот, исто така, открил дека ова активирање на mOFC е поврзано со релативно високи оцени за пријатност.
Значи, може да се рече дека повисоките концентрации на грелин се поврзани со послаба „награда“ од допирот со галење. Ова ја поддржува идејата дека освен што го стимулира гладот, нивото на грелин може да влијае врз вредноста на позитивните социјални стимули, правејќи храната да изгледа релативно попривлечна кога треба да се фокусираме на наоѓање оброк.
Една од јаките страни на оваа студија е нејзината способност да индуцира и да користи промени во концентрациите на грелин кај едно исто лице предизвикани со „постење“ и „јадење“, додека претходните студии користеле споредување на ефекти од интравенозна примена на грелин наспроти примената на плацебо.
Севкупно, иако ефектот забележан во студијата бил мал, овие наоди имаат значајна практична примена. Имено, пред да се обидете да користите љубовни допири, милување (caressing touches) за да го зголемите ефектот од милувањето, мудро е прво да го нахраните вашиот партнер.
Автор: Томе Николоски, дипломиран психолог во пензија
Трудот е објавен под наслов „Ghrelin is related to lower brain reward“ во списанието
Psychophisiology, на 23 септември 2023 год., и може да се најде на овој линк: https://doi.org/10.1111/psyp.14443