Втората мисија со астронаути на Месечината „Аполо 12“, во 1969 година, носела уметнички дела со себе. Тие биле првите уметнички дела оставени на Месечината. Сега, Самуел Пералта, канадски физичар, уметник и претприемач, сака да испрати поголема уметничка колекција на Месечината.
Неговата цел е да испрати десетици илјадници уметнички дела од повеќе уметници од речиси секоја земја во светот. Иницијативата се нарекува „Лунарен кодекс“ (
Lunar codex). Уметничките дела ќе бидат испратени во три мисии во следните 18 месеци.
- Ако НАСА и други европски и азиски земји се сериозни за основање колонија на Месечината, тогаш ова ќе бидат почетоците на уметноста и културата за таа колонија - изјавил Пералта.
На почетокот тој сакал да ги испрати сопствените литературни дела на Месечината, но подоцна се одлучил да ја прошири иницијативата на повеќе уметници. Тој резервирал место на три престојни мисии до Месечината кои ќе бидат изведени од приватни фирми. Во рамки на овие мисии ќе бидат испратени повеќе научни експерименти за собирање податоци.
Две од трите колекции што ќе бидат испратени се комплетни, додека во последната има место за уште уметнички дела. Последната мисија ќе биде лансирана кон крајот на 2024 година.
Засега, Пералта има дела од 157 земји, но сака да вклучи уметници од што повеќе држави. Досега има над 100.000 уметнички дела од над 30.000 уметници. Во колекциите има секакви видови уметност, како и книги. Делата се зачувани во минијатурен формат кој може да се чита со микроскоп. Пералта сам ја финансира иницијативата.
Извор:
CNN
Насловна фотографија: Pixabay