Седум часа сон секоја ноќ се идеални за средовечна возраст и постари луѓе, посочува неодамнешно истражување.
Студијата на речиси 500.000 возрасни на возраст меѓу 38 и 73 години покажа дека премногу и премалку сон се поврзани со полоши когнитивни перформанси и проблеми со менталното здравје, вклучувајќи анксиозност и депресија.
- Многу е јасно дека процесите што се случуваат во нашиот мозок за време на спиењето се многу важни за одржување на нашето физичко и ментално здравје - вели професорката Барбара Сахикијан од одделот за психијатрија при Универзитетот „Кембриџ“.
Добриот сон е важен во сите фази од животот, особено кога луѓето стареат, и е исто важен колку и вежбањето, додава таа.
Можна причина за врската помеѓу недоволното спиење и когнитивното опаѓање може да биде нарушувањето на длабокиот сон, што се покажало дека е важно за консолидација на меморијата. Недостигот на длабок сон може да го спречи мозокот ефикасно да ги исчисти токсините.
Студијата, која користеше податоци од „Ју-кеј Биобанк“, вклучувала слика на мозокот и генетски податоци за речиси 40.000 од учесниците. Откриено е дека областа на мозокот која е најпогодена од спиењето е хипокампусот, центарот за меморија на мозокот, со премногу или премалку сон поврзан со помал волумен на мозокот. Анализата покажа дека луѓето што спијат седум часа во текот на ноќта имаат најдобри резултати во просек на когнитивните тестови за брзина на обработка, визуелно внимание, меморија и вештини за решавање проблеми.
Фото: Freepik
Сепак, студијата не може да докаже причинско-последична врска, а врската помеѓу спиењето и некои мозочни нарушувања е сложена. На пример, невообичаените обрасци на спиење и несоницата се чести симптоми кај луѓето со деменција.
На научниците им е помалку јасно зошто осум или повеќе часа в кревет може да предизвика проблеми. Едно објаснување е дека луѓето што имаат нарушен сон често подолго да спијат затоа што се чувствуваат уморни.
- Навистина не разбираме зошто подолгото спиење би било проблем - рече Сахакијан.
- Иако не можеме со сигурност да кажеме дека премалку или премногу сон предизвикува когнитивни проблеми, нашата анализа што ги разгледува поединците во подолг временски период се чини дека ја поддржува оваа идеја. Причините зошто постарите луѓе имаат послаб сон се чини дека се сложени, под влијание на комбинацијата на нашиот генетски состав и структурата на нашиот мозок - вели професор Џијанфенг Фенг од Универзитетот „Фудан“ во Шангај.
Студијата била објавена во списанието „Нејчр ејџинг“.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik