X
 18.10.2019 Наша тема

Студентите од кампусот на Медицина, Фармација и Стоматологија учат во полураспаднатиот Медицинар

Студентите од Фармација имаат годишна бесплатна членарина за градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како компензација што немаат читалница, велат студенти од овој факултет

Повеќе илјади студенти и специјализанти на кампусот на Медицински, Фармацевтски и Стоматолошки факултет во Скопје имаат едвај една читалница која може да ја користат најмногу стотина студенти. Тоа ни оддалеку не ги исполнува потребите на овие студенти, кои се снаоѓаат како знаат и умеат, а и таа е во лоши услови. Тоа е читалницата што му припаѓа на денес руинираниот студентски дом „Невена Георгиева-Дуња“, познат како Медицинар. Од Државниот студентски центар нè известија дека му ја дале читалницата на користење на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Студенти од трета година на Медицина велат дека не ја користат многу често, најчесто меѓу две предавања, кога имаат време.
- Не ја користиме многу често затоа што и нема услови. Проблем е и што работи до 16 часот, а ние имаме предавања дотогаш. Инвентарот е стар, нема штекери за лаптоп. Зиме има лошо греење со две греалки. Тука доаѓаме меѓу предавања, за да не одиме до „Браќа Миладиновци“, на пример. Ни треба поголема читалница, опремена со интернет  - велат студенти на Медицинскиот факултет.

Во институтската зграда на Медицинскиот факултет работи и библиотека во чии рамки има можност да учат 15-ина студенти. Вработените овде велат дека поради подобрите услови (има и интернет и се одржува поредовно), доаѓаат и студенти од другите факултети - Стоматолошки и Фармацевтски.

Актуелната читалница едвај се одржува, а во истиот објект има и библиотека што ја користат студентите

Потребата за читалница е повеќе од јасна, велат студентите, кои се снаоѓаат како знаат и умеат. Од студентскиот парламент на Факултетот за стоматологија велат дека многу им е потребна читалница.

- Имаме библиотека и читалница во едно, но и таа работи до 15 часот. Нам ни треба читалница што ќе биде блиску до факултетите. Така ќе биде подобро за нас. На нашите факултети учиме од големи книги, влечкаме книги и по читалниците на „Браќа Миладиновци“, на пример - велат студенти од Стоматолошкиот факултет.


Читалницата на Медицинар не ги задоволува потребите на студентите на овој кампус

Студентка од Фармација, која дипломирала минатата година, ни објасни дека студентите на овој факултет добиваат бесплатна годишна членарина во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ како компензација што немаат читалница.

- Тоа ни е од помош, но сигурно ќе е многу подобро кога студентите би имале место за учење поблиску до факултетот, па за време на пауза да се сработи нешто - вели дипломираниот фармацевт.

Ненад Лазаров, претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, е еден од погласните некогашни студенти на Медицинскиот факултет што се борат за правата на студентите. Тој вели дека државата мора да вложи за овие студенти да добијат соодветна читалница.

- На времето лично се заангажирав да се среди читалницата во Медицинар. Своевремено беше изреновирана, беше климатизирана, направија тоалети. Но, за жал, заедно со студентскиот дом, се запусти и читалницата и сега не е во добра состојба. Таа читалница работеше 24/7, со големи напори на Сојузот на студентите по медицина во 2008 година, Медицинскиот факултет целосно ја изреновира. Од оваа читалница неколку децении излегуваа генерации на сериозно квалитетни лекари, фармацевти и стоматолози! Студентите од овој кампус заслужуваат да имаат достоинствено место каде што ќе можат да учат, да подготвуваат испити, како на сите светски универзитети - вели д-р Лазаров.


Низ ѕидот на бараката ѕирка трева и влегуваат животинчиња

Деканката на Медицинскиот факултет, проф. д-р Соња Топузовска, објаснува дека планираат да изградат читалница. За таа намена имале простор во институтската зграда кој планираат да го адаптираат.

- Читалницата ни е во план. Имаме опција и каде да биде, на некој од институтите. Во моментов студенти ја користат читалницата од Медицинар, која не е во наша надлежност, но и таа може да им се најде на малку студенти. Не секој студент сака да учи во читалница, меѓутоа, студентите треба да имаат таков простор, особено што годинава бележиме уште поголем интерес за студирање - вели Топузовска.



Фото: Борче Поповски
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема