X
 18.11.2023 Живот

Луѓето што живеат најдолго ги имаат овие особини

Подолгиот живот е поврзан со многу животни навики како здрава исхрана и редовно вежбање. Но, дали карактерот на една личност може да игра важна улога?

„Икигаи: Јапонската тајна за долг и среќен живот“, една од најпопуларните книги за долговечноста, ја нагласува практиката на „сините зони“, области каде што живеат некои од најдолговечните луѓе во светот, вклучително и Јапонија.

Книгата, напишана од Хектор Гарсија и Франсеск Миралес, зборува за тоа како факторите за долг и здрав живот не се ограничени на физичкото здравје.

Повеќето стогодишници имаат слични особини на личноста кои можеби помогнале да им се продолжи животниот век, според истражување од 2012 година, цитирано во книгата.

Истражувањето било спроведено на Универзитетот „Јешива“ и ги анализирало карактеристиките на речиси 250 стогодишници врз основа на самопроцена и искази од другите луѓе поврзани со нив.

Ова се двете вообичаени особини на луѓето што живеат најдолго:

1. Позитивен став


Давање приоритет на мирот и среќата често се смета како придобивка за менталното здравје, но исто така може да ви помогне да живеете подолго.

Повеќето стогодишници во студијата за долговечност имале позитивни ставови, изјави д-р Нил Барзилаи, еден од коавторите на истражувањето. Другите обично можат да ги нарекуваат оптимистични, опуштени и екстроверти.

И не само тоа, овие 100-годишници ја сметаат смеата за важен дел од нивниот живот, се вели во истражувањето.

98-годишниот Лери Џенис секогаш наоѓа време да се пошегува и вели дека шегата е причина за неговата долговечност.

2. Висок степен на емоционална свест


Да се биде емоционално свесен е исто така вообичаено кај стогодишниците, според ова истражување. Тоа значи дека тие не се затвораат и се обидуваат да им го пренесат она што го чувствуваат на луѓето околу нив.

Изразувањето на емоциите на здрав начин може да биде од корист за односите. А социјалните односи, создавањето пријателства со луѓе што ги цените и справувањето со какви било проблеми за да станете подобар пријател и партнер се поврзани со зголемена среќа и долговечност.

- Со други зборови, оние што се соочуваат со предизвиците со позитивен поглед и се способни да управуваат со своите емоции се веќе на добар пат до долговечноста - пишуваат Гарсија и Миралес.

Иако овие две особини најмногу се истакнуваат кај стогодишниците, потребни се повеќе истражувања за да се утврди дали тие навистина придонесуваат за долговечноста на луѓето.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот